Во Македонија до 1 септември годинава се регистрирани вкупно 56 случаи на Западнонилска треска, од кои 52 се потврдени, а четири се водат како веројатни, покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје.
Од заболените, 54 се жители на Скопје, додека по еден случај е регистриран кај жители на Велес и Куманово. Вкупно 55 случаи се автохтони, а еден е поврзан со патување во Грција, при што инкубацискиот период опфаќа и престој во Македонија.
Меѓу заболените има значително повеќе мажи – 44 или 78,7 отсто, наспроти 12 жени, односно 21,3 отсто. Најголем дел од пациентите се постари од 60 години – 45 лица или 80,4 отсто. Седум заболени се на возраст од 50 до 59 години, еден е меѓу 30 и 39 години, а тројца се на возраст од 20 до 29 години. Просечната возраст на заболените е 65,8 години.
Најголемиот број случаи се појавиле во текот на август. Кај 36 пациенти, односно 64,3 отсто, почетокот на симптомите е регистриран во овој месец. Кај 17 лица симптомите започнале во јули, кај двајца во јуни, а кај еден пациент во мај.
Од регистрираните случаи, 54 се со невроинвазивна форма на болеста и сите биле хоспитализирани. Од нив, 53 биле лекувани на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, а еден во „Аџибадем Систина“.
Досега 36 пациенти се испишани од болница, 12 сè уште се на лекување, а седум починале. Просечното траење на лекувањето кај испишаните и починатите пациенти изнесува 13,5 дена.
Сите седум починати пациенти биле мажи од Скопје, со просечна возраст од 73,2 години. Најмладиот имал 62, а највозрасниот 83 години. Сите биле хоспитализирани, а кај петмина биле регистрирани придружни заболувања. Дијагнозата кај починатите била потврдена со серолошко испитување на ликвор. Леталитетот меѓу регистрираните потврдени случаи изнесува 10,7 отсто.
Центарот за јавно здравје – Скопје на 11 август пријавил епидемија на Западнонилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел. Само во периодот од 26 август до 1 септември биле пријавени шест нови случаи, сите од Скопје, како и еден нов смртен исход.
Епидемиолошката анализа на ИЈЗ покажува зголемен број заболени во јули и август, со особено изразена просторна концентрација во Скопскиот регион. Најмногу случаи се регистрирани во Кисела Вода, особено во подрачјето на Драчево, како и во Гази Баба, каде што има поголема концентрација во руралните средини.
Од ИЈЗ оценуваат дека зголемувањето на бројот на заболени и нивната просторна концентрација укажуваат на засилена локална трансмисија на вирусот во погодените подрачја. Во последните две недели, сепак, случаи се регистрираат и во други скопски општини.
Институтот препорачува засилена информираност на населението и здравствените работници, активен надзор и лабораториско тестирање на сомнителни случаи, особено кај пациенти со невроинвазивни симптоми. Се препорачува и редовно ажурирање на состојбата на хоспитализираните пациенти, како и координација со Институтот за трансфузиона медицина и меѓународните здравствени институции.
Како важна мерка се посочува и планското спроведување на превентивна дезинсекција, вклучително и ларвицидна и адултицидна дезинсекција од страна на општините и надлежните центри за јавно здравје.
ИЈЗ апелира граѓаните да ги намалат условите за размножување на комарците со отстранување на застоена вода од дворовите, редовно чистење на олуците и одржување на базените и другите водни површини.
За намалување на ризикот од убоди се препорачува користење заштитни мрежи на прозорците и вратите, носење облека што покрива поголем дел од телото и употреба на соодветни репеленти. Особено се советува претпазливост во зори и во самрак, кога комарците се најактивни.
При појава на симптоми на заболување, а особено кај лица со невролошки симптоми, ИЈЗ препорачува навремено да се побара лекарска помош заради соодветна дијагностичка проценка и следење на состојбата.