Би била голема штета за граѓаните, но и за државата доколку Охрид го загуби статусот во УНЕСКО. Оттаму потребата од мобилизација и обединување на сите субјекти во исполнувањето на препораките дадени од УНЕСКО, кажа денес во Охрид евроамбасадорот Самуел Жбогар, започнувајќи ја новата кампања под брендот „ЕУ за ТЕБЕ“, насочена кон подигнување на свеста за заштитата на животната средина, за , поддршка на еко-активизмот, под мотото „чисто како дома исто“. Како што истакна самиот Жбогар, неслучајно кампањата стартува од Охрид оттаму што последните случувања околу статусот на регионот во УНЕСКО претстаува пример на недостиг од индивидуална и колективна одговорност во односот кон околината и животната средина.
-Токму затоа сакаме да ја подигнеме свеста на граѓаните за потребата од активен однос во заштитата на животната средина, но и да ги посочиме позитивните примери како оние т.н. „херои од соседството“ еко-активисти, поединци и групи кои активно работат на чистење на околината, да ги направиме видливи за општеството и да ги поддржиме во нивните секојдневни активности, рече Жбогар.
Евроамбасадорот се воздржа од коментар на одлуките на Светската комисија за заштита на културните и природните богатства, но истакна дека на тоа треба да се гледа како на најголема опомена, со цел одговорните институции и целата јавност да преземе активности што ќе ја спречат натамошната деградација на Охрид и Охридското Езеро.
Инаку кампања која започна од Охрид и Струга има четири елементи - комуникации во насока на подигнување на свеста за заштита на животната средина, поддршка на активистите што работат на зачувувањето на животната средина, посети на општините каде активистите ќе можат да најават активности за чистење на околината, како и охрабрување на локалните самоуправи за поактивна поддршка на активностите насочени кон почиста животна средина.