Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, преку фејсбук објава реагираше на критиките од СДСМ во врска со повторното пуштање на водата за пиење во Гостивар, оценувајќи дека пиењето вода од градска чешма пред камерите не претставува успех, туку „срам“.
Стоилковски упати остри критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека претходно бил дел од, како што наведува, здравствени скандали и дека како министер „злоупотребил бебе“ за снимање на вакцинација.
„Венко и оние коишто ги праќа денес пред камери, ги потсетувам што е здравствен скандал претворен во театар“, рече Стоилковски.
Тој се осврна и на случајот со вакцинацијата на бебе, за кој тврди дека Филипче јавно лажел и дека подоцна признал дека снимката била направена со капаче на иглата. Стоилковски оцени дека за тој случај немало никаква одговорност.
Во однос на состојбата со водата во Гостивар, Стоилковски порача дека, според него, овојпат немало „театар“ и дека со официјалното прогласување на водата за безбедна бил надминат проблемот.
„Денеска во Гостивар, Венко, никој не лажеше. Во Гостивар се покажа дека се надминати хаосот и здравственото лудило зад коешто има твој потпис на поддршка и на владеењето на твоето здружение“, наведе Стоилковски.
Тој го повика Филипче да не шири, како што рече, „панични лаги“ за Гостивар и Скопје, туку да се врати на своето работно место.
„Прибери се на клиника да не те чекаат пациентите со денови по ходниците“, порача Стоилковски.