Украина бара одобрување за користење дронови опремени со Starlink за напади врз руски лансери на балистички ракети на територијата на Русија, на растојание до 200 километри од украинската граница, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата.
За ваквата употреба е потребна согласност од Илон Маск, чии ставови за украинската употреба на сателитската интернет-мрежа Starlink повеќепати се менувале. Барањето доаѓа во период кога Украина се соочува со сериозен недостиг од пресретнувачи за системите за противвоздушна одбрана, особено за „Патриот“, кој е единствениот систем со кој сигурно успева да соборува балистички ракети.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски веќе побара од американскиот претседател Доналд Трамп и од другите партнери да обезбедат дополнителни пресретнувачи. Сепак, глобалниот недостиг е дополнително зголемен поради нивната употреба на Блискиот Исток, вклучително и во текот на американската војна со Иран.
Според воениот аналитичар Франц-Стефан Гади, дури и во најповолно сценарио Украина веројатно нема навреме да добие доволно пресретнувачи за да ја одржи сегашната стратегија за противвоздушна одбрана.
Поради тоа, Киев се обидува да најде алтернатива преку дронови опремени со Starlink. Сателитската мрежа овозможува постабилна комуникација со операторите на поголеми растојанија, а ваквите дронови се помалку чувствителни на вообичаено попречување на сигналот.
Зеленски, на средбата со Трамп во Белата куќа во јули, побарал американскиот претседател да разговара со Маск за добивање дозвола за користење на Starlink надвор од украинската територија. Според изворите, Киев сака дроновите да можат да се користат до 200 километри во внатрешноста на Русија, со што би можеле да бидат опфатени руски лансери на балистички ракети, командни системи и друга воена инфраструктура.
Сепак, Трамп не зазел јасен став за планот, а изворите сметаат дека Маск најверојатно нема да одобри ваква употреба на Starlink.
SpaceX-овата мрежа е од клучно значење за украинското воено командување и контрола, како и за беспилотните воздушни, поморски и копнени системи. Маск во минатото веќе го ограничуваше користењето на Starlink за украински операции во близина на окупираниот Крим, поради стравувања од нуклеарна ескалација.
Дополнителен проблем за Киев е што Михајло Федоров, поранешниот украински министер за одбрана и еден од клучните соговорници на Маск, неодамна беше разрешен од функцијата. Федоров претходно директно комуницираше со Маск околу користењето на Starlink и се обидуваше да обезбеди поширок пристап за Украина.