Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати апел до европските лидери со барање за „јасни одговори“ во врска со безбедносните гаранции што Киев би ги добил во случај да се постигне мировен договор.
На виртуелен состанок со претседателот на Полска и лидерите на Естонија, Латвија, Литванија и Данска, Зеленски праша: „Кој ќе ни помогне во одбраната на копно, во воздух и на море ако Русија повторно тргне во офанзива? И на кој начин можете да учествувате? Барам да ја дефинирате својата улога.“
Тој потенцираше дека е клучно американскиот претседател Доналд Трамп да види дека Европа е обединета во решеноста да стави крај на војната. Зеленски повтори и повик за заострување на санкциите против Москва.
Осврнувајќи се на вчерашниот масовен руски напад врз Киев, во кој загинаа цивили, меѓу нив и деца, Зеленски рече: „Тоа е Путиновиот одговор на повиците од светот да се запре војната. Русија одби да престане со убиства – дури рекоа ‘не’ и на претседателот Трамп. Ги гледаме негативните сигнали од Москва околу можен самит. Искрено, веруваме дека Путин и понатаму сака само продолжување на оваа војна.“
„Затоа ни е потребен нов, силен притисок врз Русија – остри санкции и високи царини, и од Европа и од Америка,“ порача украинскиот претседател.