Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека најреалниот временски прозорец за дипломатско решение и завршување на руската војна против Украина е периодот од крајот на 2026 до летото 2027 година.
Говорејќи на свеченост по повод Денот на државното знаме во Киев, Зеленски рече дека Киев и Москва и натаму имаат спротивставени позиции околу прашањето за евентуално повлекување на украинските сили од Донбас.
„Веруваме дека ова е најактивната фаза во која дипломатијата може да доведе до крај на војната. Тоа е крајот на оваа година и периодот до крајот на летото 2027“, рече Зеленски.
Тој откри дека меѓу опциите за примирје за кои се разговара со САД и Европа се наоѓа и модел на реципрочно повлекување на силите и создавање тампон „слободна економска зона“ со која би управувала трета страна.
Украина, според него, е подготвена да разговара и за меѓусебен прекин на нападите врз енергетската и земјоделската инфраструктура.
Зеленски истовремено предупреди дека Украина се соочува со сериозен недостиг на пари за одбраната.
Според него, дупката во одбранбениот буџет изнесува околу 27 милијарди долари, а до почетокот на 2027 година се потребни од 8 до 10 милијарди долари однапред за нејзино покривање.
Дополнителни речиси 20 милијарди долари, како што рече, ќе бидат потребни за плати на војниците, исплати за семејствата на загинатите припадници на армијата и други воени трошоци.
Украинскиот претседател кажа и дека земјата сè уште не достигнала масовно производство на сопствени балистички ракети поради технички проблеми, но дека две компании работат на програмата.
„Кога ќе имаме масовно производство, тогаш ќе можеме да нанесуваме болни удари врз непријателот како одговор на нивниот терор“, рече Зеленски.
Тој информираше и дека Украина би можела заеднички со американската компанија Raytheon да почне производство на ракети за системот за противвоздушна одбрана „Патриот“.
Според Зеленски, веќе бил одржан прв технички состанок, а украинската компанија Fire Point е избрана како партнер. Во следните недели Киев очекува проценка за роковите и изводливоста на проектот.
Зеленски најави и испорака на француски радарски системи и системи SAMP/T наесен, како и договор за дополнителни ракети Aster 30 во септември.
Со германскиот канцелар Фридрих Мерц, како што рече, е договорена и испорака на 600 ракети PAC-2 за системите „Патриот“ во периодот 2027–2028.
Зеленски посочи дека на Украина ѝ се потребни околу 360 ракети „Патриот“ само за зимскиот период, додека глобалното годишно производство е околу 600.
Тој повторно се осврна и на изборите во Украина, нагласувајќи дека додека трае војната тие не треба да се одржуваат.
„Во ваква војна, изборите би биле цунами за државата и би можеле да ја поделат Украина“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател потврди и дека Илон Маск одбил барање Starlink да се користи над руска територија за украински одбранбени операции, но додаде дека од тимот на Маск во последно време пристигнуваат поохрабрувачки сигнали.
Зеленски исто така потврди дека Украина намерно ги гаѓала магацините на рускиот онлајн трговец Wildberries, тврдејќи дека тие се користеле и за снабдување со воена стока.
Во однос на антикорупциските истраги, тој порача дека надлежните агенции мора да работат независно и дека имало доволно причини за смена на заменичката шефица на претседателскиот кабинет, Ирина Мудра, по претресите во нејзините простории.