Мајката на 29-годишната Тасија Форчун, која во август беше пронајдена обесена на дрво во Џексон, Мисисипи, вели дека е шокирана од новите информации од истрагата. Полицијата сега соопшти дека верува оти нејзината ќерка била мртва пред телото да биде поставено на местото на кое било пронајдено.
По обдукцијата, медицинскиот вештак заклучил дека станува збор за убиство, додека полицијата соопшти дека и местото на настанот и бесењето биле наместени. Точната причина за смртта и можниот мотив засега не се соопштени.
„Сега имам повеќе прашања отколку одговори“, изјавила мајката на Форчун, Кристи Спиви, за Би-Би-Си.
Смртта на Форчун, мајка на четири деца, предизвика вознемиреност во Џексон, град со мнозинско црнечко население, особено поради историјата на расно насилство и линчување во Мисисипи. Полицијата, сепак, нагласува дека Форчун не починала како последица на бесењето.
Во рамките на истрагата досега се уапсени три лица. Спиви вели дека полицијата не ѝ објаснила каква била нивната поврзаност со нејзината ќерка, ниту зошто нејзината смрт би била наместена.
„Сè уште не ја знаеме причината за смртта, не го знаеме датумот на смртта – ништо. Од што всушност починала?“ прашува мајката.
На суд, полицијата изнела сомнение дека смртта можеби е поврзана со конфликт околу дрога. Еден детектив изјавил дека Форчун можеби била убиена затоа што била обвинета за кражба на дрога.
Нејзината мајка ги отфрла овие обвинувања, но потврдила дека ќерка ѝ имала проблем со зависност и се обидувала да се лекува.
„Дури и да продолжила да зема дрога, а веројатно и земала, не заслужила да ѝ го направат тоа. Никој не го заслужува тоа“, изјавила Спиви.
Во периодот пред смртта, Форчун била без дом и престојувала кај различни познаници. Нејзините четири синови, на возраст од една до седум години, сега живеат кај роднини и пријатели, а за две од децата е започната постапка за посвојување.