ЖРК Куманово нема да биде дел од новата сезона во женската ракометна Суперлига, откако клубот не успеа да ги надмине финансиските проблеми со кои се соочуваше во изминатиот период.
Иако се бараше решение за кумановскиот клуб и можност тој да продолжи со настапите во елитното натпреварување, сепак не беше пронајден начин да се надмине кризата.
Поради тоа, Ракометната федерација на Македонија донесе одлука ЖРК Куманово да биде исклучен од Суперлигата, а неговото место во новата сезона ќе го заземе Деспина.
„Ракометната федерација на Македонија информира дека, согласно член 23 од Пропозициите за натпреварување во Супер женската ракометна лига, екипата на ЖРК Куманово се исклучува од натпреварувањето во Супер женската ракометна лига“, се наведува во соопштението.
Од Федерацијата дополнуваат дека, согласно ранкингот од натпреварувачката сезона 2025/26, РК Деспина станува нов член на Супер женската ракометна лига.
Куманово зад себе има богата историја и во минатото беше шампион на Македонија и освојувач на Купот, но финансиските проблеми сега го оставија клубот без место во највисокото домашно натпреварување.