Со изрекување казни и предупредувања за неправилно одлагање отпад започна билансот на активностите на ЈП Комунална хигиена – Скопје за месец декември 2025 година. Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на претпријатието спроведе интензивни контроли и реализираше голем број едукативни разговори со стопански субјекти и граѓани затекнати при неправилно фрлање отпад, при што беа изготвени вкупно 225 записници. Најголем број од нив – 85 записници – се изречени на територијата на општина Карпош.
Паралелно со контролните активности, во текот на декември ЈП Комунална хигиена – Скопје подигна и транспортираше околу 13.000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и од контејнерите поставени на јавни површини низ градот.
Дополнително, екипите на претпријатието отстранија и приближно 2.200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.
Од ЈП Комунална хигиена – Скопје посочуваат дека со комбинација од санкции, контроли и едукативни мерки ќе продолжат со засилените активности и во наредниот период, со цел да се подобри јавната хигиена и да се намали појавата на диви депонии и несовесно одлагање отпад низ градот.