Основниот кривичен суд Скопје му определи мерка притвор во траење од 30 дена на директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анкиев, осомничен за примање поткуп.
Судот го прифатил предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, при што притворот е определен по сите три законски основи – опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и опасност од повторување на делото.
Случајот се отвори по акција на Единицата за корупција при МВР, кога осомничениот беше приведен под сомнение дека побарал и примил поткуп во износ од 50.000 евра, како дел од договорена сума од 100.000 евра.
Според истрагата, тој како директор вршел притисок врз службени лица да не дозволат увоз на стока за одредена фирма, иако таа претходно била увезувана, по што започнал да бара пари за да го „реши“ случајот и да овозможи непречен увоз.
Парите биле предадени преку посредник – шпедитер, а при полициска контрола биле пронајдени во возило, под совозачкото седиште. По примопредавањето, осомничениот беше лишен од слобода.
Обвинителството претходно информираше дека против него е отворена истрага за кривично дело „примање поткуп“, а се испитува и дали постои поширока мрежа на инволвирани лица.
Од Министерството за земјоделство порачаа дека случајот мора целосно да се расчисти и дека „никој не е над законот“, нагласувајќи дека борбата против корупцијата е приоритет.
Истрагата продолжува.