Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција побара определување мерка притвор за директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, осомничен за примање поткуп.
Обвинителството информира дека, по спроведена предистражна постапка и координирана акција со МВР, е донесена наредба за спроведување истрага против осомничениот, кој се товари за кривично дело „примање поткуп“.
Според досега обезбедените докази, осомничениот во периодот од почетокот на месецот до неговото апсење, како службено лице, директно побарал значителна имотна корист за да влијае врз службени постапки поврзани со увоз на стока.
Тој, како што наведуваат од ОЈО ГОКК, вршел притисок врз други службени лица да не дозволат увоз на стока за одредена фирма, иако таа претходно повеќепати била увезувана. Како образложение било наведено дека стоката не ги исполнува законските услови, поради што таа со денови останала блокирана на граничен премин.
Откако увозникот побарал дополнително објаснување, осомничениот, според истрагата, започнал со барање поткуп. На средба со шпедитерот и оштетениот, директно побарал 50.000 евра како прва рата, со договор останатите средства да бидат исплатени дополнително за идни увози.
Парите биле предадени преку посредник – шпедитер, кој остварил средба со осомничениот, по што било извршено примопредавањето. Веднаш потоа, полицијата го лишила од слобода.
Обвинителството оценува дека постојат околности кои го оправдуваат барањето за притвор и до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување на оваа мерка.
Истрагата продолжува, а се испитува и евентуална поширока инволвираност во случајот.