Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека најостро го осудува секое незаконско постапување, реагирајќи на случајот со апсењето на директорот на Државниот инспекторат за земјоделство.
Од Министерството наведуваат дека очекуваат Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство целосно да го расчистат случајот и да постапат согласно законите.
„Секое прекршување на законите и злоупотреба на службената положба за личен интерес мора и ќе биде санкционирано. Секој што се огрешил пред законот ќе сноси одговорност“, се наведува во реакцијата.
Оттаму потенцираат дека борбата против корупцијата е врвен приоритет и дека, како што велат, „никој не е над законот“.
Во соопштението се прави и политичка дистинкција, при што се посочува дека, за разлика од претходните власти, актуелната Влада спроведува неселективна правда, без оглед на функцијата или политичката припадност.
„Повеќе нема привилегирани и заштитени, ќе одговара секој, без исклучок“, нагласуваат од Министерството.
Воедно, ги повикуваат земјоделците да пријавуваат евентуални злоупотреби, уверувајќи дека институциите функционираат транспарентно и во интерес на граѓаните.