Низ годините, во двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, продефилираа по тројца, односно четворица претседатели. Доаѓаа со намера дека ќе го поразат противникот, а си заминуваа по својот пораз. Историски гледано, никој не успеа да остане да функцијата откако ќе изгуби неколку изборни циклуси по ред. Поради лична доблест, притисокот на јавноста, но и поради партијата и членството, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сами си заминуваа. Дури, кога СДСМ беше во опозиција за време на владеењето на Груевски и немаше долго време победено на ниту едни избори, лидерите на таа партија се менуваа.
Единствен исклучок, барем засега, е актуелниот претседател ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Па така, првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски ја најави својата оставка по поразот на парламентарните избори во 2003 година, а откако партијата беше поразена и на локалните избори според бројот на освоени советници.
На 25.04.2003 година Љубчо Георгиевски во весникот Дневник ја најавува својата оставка во колумна насловена “Зошто се повлекувам од ВМРО-ДПМНЕ?”. Во својата колумна, Љубчо ќе напише:
“Главната причина е недостигот од двесте илјади гласа што партијата мора да ги освои за нова победа. Прецизната анализа потврдува дека како лидер мојот максимум е околу триста илјади гласачи, што ми го овозможува само убедливото второ место. Значи, на партијата и требаат уште двесте илјади гласа, кои јас очигледно не сум во состојба да и ги обезбедам...”
По поразот на локалните избори, а откако не успеа да формира ниту влада по парламентарните избори, Никола Груевски исто така си даде оставка од челната функција во ВМРО-ДПМНЕ, во 2017 година. Тој одлуката ја донесе и откако се приведени група пратеници, членови и од ВМРО-ДПМНЕ и граѓани кои беа дел од крвавите случувања во Собранието на 27.04.2017 година.
По него, на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, единствен кандидат за наследник на Груевски беше Христијан Мицкоски, од кого сега, се бара оставка. Актуелни членови, поранешни и сегашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, сметаат дека Мицкоски мора да сноси одговорност бидејќи паријата изгубила локални, претседателски, а сега и парламентарни избори. Тие му порачаа на лидерот на партијата да закаже вонреден конгрес на партијата на кој би се избрало ново раководство, во спротивно, тоа ќе го направат тие.
