Скопје

Во Општина Ѓорче Петров, забрането е сушење алишта во двор и на тераса

Oпштина Ѓорче Петров наметнува нови правила. Во дворовите што се со поглед кон улица или плоштад, повеќе нема да биде дозволено сушење на алишта, а и тревата не смее да биде повисока од 10 сантиметри. Освен тоа, нема да биде дозволено да се засадуваат овошни дрвја чии плодови ја валкаат јавната површина, а гранчињата на украсните и жбунести растенија не смеат да ја преминуваат регулационата линија на јавната површина и да пречат на безбедноста на сообраќајот и движењето на луѓето.

Ова се само дел од измените и дополнувањата во новата Одлука за комунален ред и мерките за нејзино спроведување на подрачјето на општината која е донесена на седница на Советот на Општина Ѓорче Петров.

По членот 36 се додава нов член 36-а кој гласи: движење, запирање или паркирање на возила на јавна зелена површина, зелена површина околу јавните објекти и зелена површина околу деловни и колективни станбени објекти; -движење на запрежни возила; -оставање на нерегистрирани, хаварисани или напуштени возила, -оставање на приклучни возила, камп приколки, чамци, камп возила, земјоделски машини и сл.“ „Дворните места на колективни и индивидуални станбени објекти, како и местата / површините што се наоѓаат внатре или меѓу станбен или деловен блок или меѓу објекти мораат да се одржуваат во уредна и чиста состојба. За уредност и одржување на чистотата на местата од ставот (1) на овој член се грижи сопственикот односно корисникот на дворот, односно сите сопственици и корисници на заедничкиот двор или места.

Во дворните места се забранува оставање, складирањеодносно собирање на каква било амбалажа, кабасти предмети од домаќинството, градежен и друг отпад и какви било други предмети што предизвикуваат нагрдување на изгледот и неуредност на просторот.

Во дворните места што се со поглед кон улица или плоштад, не е дозволено: – сушење на алишта, – тревата да биде повисока од 10 см, – да се засадуваат овошни дрвја чии плодови ја валкаат јавната површина, – гранчињата на украсните и жбунести растенија да ја преминуваат регулационата линија на јавната површина и да пречат на безбедноста на сообраќајот и движењето на луѓето. Лицата од став (2) на овој член се должни редовно да ја чистат површината, да ја косат тревата, кастрат живата ограда и другите растенија, да не дозволат растенијата да ја оштетуваат или валкаат јавната површина, објектите и инсталациите, да го отстрануваат плевелот, да ги одржуваат бетонските површини.

Од Општината Ѓорче Петров велат дека со измените и дополнувањата се додефинираат надлежностите и се уредуваат односите и начинот на вршење комуналните дејности меѓу давателите и корисниците на услугите на подрачјето на Општина Ѓорче Петров и мерките за нејзино спроведување.

– Одлуката на Општина Ѓорче Петров е во согласност со одлуката на за комунален ред на Град Скопје, донесена во 2014 година. Согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Ѓорче Петров комуналните инспектори и комуналните редари ќе вршат контроли  со цел доследно спроведување на прописите. Целта е најпрво да се превенира, пред да се казнува – потенцираат општинските власти.

На почеток