Постои ли опасност зад превезот на разните видови меѓудржавна соработка да се кријат амбициите на некои балкански политичари за спроведувања големодржавни политики, чија крајна цел е прекројување на границите на регионот. На ваква дилема нѐ наведуваат последните пораки на политичарите Албанци од државите во регионот, кои со своите изјави и дејствувања го привлекоа вниманието на регионалната јавност и меѓународната заедница.
Последен пример беше регистриран неодамна во Пеќ, кога претставниците на владите на Косово и на Албанија, по заедничка седница, потпишаа девет договори, од кои најголем дел од сферите на економијата, здравството и културата, со кои се очекува унапредување на меѓусебните односи. Во меѓувреме, иако договорите за соработка се вообичаена практика и тука нема ништо спорно, индикативни беа гестовите и изјавите на првите луѓе на владите во Приштина и во Тирана, кои договорите ги потпишаа врз албанското национално знаме, направија заедничка фотографија, на која позираа со симболот двоглав орел, и дадоа двосмислени изјави во правец на трајно приближување и соединување на двете земји до 2025 година во ЕУ.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, по седницата, нагласи дека овие мерки водат кон трајно приближување и соединување на двете земји и дека и овие договори што се потпишаа претставуваат „конкретизација на дамнешните приоритети на двете страни“.
– Тоа што го истакнува Косово е неговото застанување на страната на САД како водечки глобален фактор и на страната на нашите стратегиски партнери. Албанија секогаш можела да смета на Косово и секогаш има право да смета на Косово, но и Косово секогаш сметало на Албанија, а тоа се покажа во 1999 година, во најтешките денови на нашиот живот како нација – изјави Харадинај.
Последната седница во Пеќ е петти заеднички состанок на владите на Косово и Албанија. Првата се одржа во 2014 година во Призрен, а потоа секоја наредна година следуваше по една заедничка седница во Тирана, па во Приштина и лани во Корча.
Претходно, за потсетување, за време на посетата за независноста на Косово, премиерот на Албанија, Рама, во Приштина изјави дека Косово и Албанија треба да имаат заеднички претседател.
– Косово и Албанија треба да имаат заедничка надворешна политика, а не само заеднички амбасади и дипломатски мисии, зошто не и еден претседател како симбол на националното единство и националната безбедносна политика – рече Рама, обраќајќи им се на косовските пратеници.
Тој призна дека е малку веројатно тоа да се реализира во скоро време.
– Можеби оваа идеја не е вистинска на национално ниво, но историјата ни порачува дека остварувањето на сонот не е невозможно – изјави Рама.
Веднаш по оваа изјава на Рама остро реагираше Европската комисија, која ја оцени како несоодветна и како политичко мешање во соседните земји, што не помага во градењето добрососедски односи.
– ЕУ очекува да продолжи изградбата на конструктивни и кооперативни односи низ целиот регион. ЕУ и натаму ќе ги поддржува принципите на помирување и соработка во овој регион – изјави портпаролката на Европската комисија, Кетрин Реј.Во контекст на овие случувања е и фактот дека месецов во Скопје, на сличен начин како во Пеќ, по повод 110-годишнината на албанскиот јазик и азбука, албанскиот претседател Илир Мета по прославата на заедничката фотографија „леташе орли“, заедно со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и уште неколку високи државници од оваа партија што се дел од македонската влада. Сепак, во македонскиот случај, за разлика од оној косовскиот, сѐ остана само на симболиката и гестот на величање на албанското знаме, без други провокативни изјави.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски ги критикува овие однесувања на албанските политичари од регионот, велејќи дека тие не испраќаат позитивни пораки до сите други земји, бидејќи со своите дејствувања зад превезот на економијата или културата тие директно или индиректно ги подгреваат соништата на Албанците за голема држава во регионот.
– За жал, на Балканот редовно сме сведоци на вакви дејствувања на политичарите, кои се штетни и спротивни од вредностите на ЕУ. Ова не е проблем само на Албанците туку слични некоректни гестови може да се најдат и кај повеќето државници од други земји, кои најверојатно потајно сонуваат за некоеси фиктивно формирање на своја голема држава во регионот – вели Стефаноски.
Аналитичарот истакнува дека поради т.н. тиранска платформа, која беше споменувана многу за време на политичката криза во земјава, разбирливо е зошто сега во Македонија, благо кажано, со доза на вознемиреност се гледа на овие случувања меѓу Албанија и Косово.
Стефаноски потсетува дека токму поради ваквиот страв од голема Албанија, во 2012 година пропадна и иницијативата за формирање т.н. балкански Бенелукс, кој во тоа време предвидуваше економско обединување и царинска либерализација меѓу Албанија, Косово, Македонија и Црна Гора.