Македонија

Ангеловска-Бежоска на гувернерски состанок на БИС: Потребно е да се работи на натамошно јакнење на сајбер-безбедноста на финансискиот сектор

Во изминативе години, централните банки и другите финансиски регулатори  значајно ги интензивираа напорите за  унапредување на сајбер-безбедноста  во финансискиот сектор. Но, контекстот што го наметнува ковид-кризата, создава простор за зголемување на нападите од безбедносниот простор, заради што на глобално ниво е потребно да се работи на натамошно јакнење на механизмите за заштита на финансискиот сектор од овој ризик. Ова беше повод и тема на е-состанокот на гувернери на централни банки организиран од Банката за меѓународни порамнувања (БИС), на којшто активно учествуваше и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

 Како што беше нагласено на состанокот, условите за работа по избувнување на пандемијата на ковид-19, вклучително и работењето од дома, резултираат со поголем број на сајбер-напади  во финансискиот сектор. Согласно спроведената анкета (FS-ISAC)во глобални рамки, овие напади биле помалку од 5.000 неделно во февруари, но се зголемиле на 200.000 неделно кон крајот на април оваа година, а и дополнително пораснале за една третина во периодот мај-јуни споредено со периодот март-април. Учеството на сајбер-инцидентите кај банките, како вид на оперативен ризик,  сепак е релативно мало во споредба со вкупниот оперативен ризик, но се зголемува. Во напорите за држење на овие ризици под контрола клучна е супервизорската рамка.

 Состојбата во нашата земја во поглед на сајбер-нападите постојано се унапредува во изминативе години, при што се донесе и посебна подзаконска регулатива со којашто се бара од банките да ги унапредат сигурносните стандарди. Притоа, од банките се бара да обезбедат соодветно ниво на подготвеност од заканите од дигиталниот простор, како за меѓубанкарските плаќања, туку за сите други финансиски активности што ги извршуваат. Во тој контекст исклучително важно е што нашиот банкарски систем е усогласен со сигурносните стандарди за СВИФТ. Истовремено, во изминатите години се презедоа и низа активности за заштита од сајбер-напади на другите сегменти на финансискиот сектор.

 Финансиските регулатори во глобални рамки, веќе ја констатираат неопходноста од преземање координирани меѓународни активности со коишто ќе се постигне уште повисок степен на отпорност на финансискиот сектор од нападите на информативните системи. Клучна улога  за остварување на оваа иницијатива ќе има неодамна воспоставениот Центар за координација на сајбер-отпорност при БИС, во којшто се вклучи и учествува и Народната банка. Истовремено, неопходно е да се интензивира и комуникацијата и соработката меѓу релевантните институции на национално ниво, како и меѓу централните банки и институциите коишто ги сочинуваат финансиските системи.

 Нашата централна банка ќе биде активен учесник во димензионирањето и остварувањето на следните глобални чекори за натамошно јакнење на сајбер-безбедноста во финансискиот сектор. Со учеството на гувернерката Ангеловска-Бежоска на овој состанок во организација на БИС се потврдува подготвеноста и решеноста на Народната банка не само да даде придонес во согледување на глобалните трендови, туку и за заложби за имплементација на натамошните меѓународни стандарди и релевантни препораки во работењето на нашиот финансиски систем.

 

На почеток