Во архивата на Општина Центар стигнало писмо од Уставниот суд. Од локалната власт се бара најдоцна неделава до Судот да ја прати одлуката за мораториум и да одговори на наводите на двајцата иницијатори од Охрид, Александар Илиоски и Игор Влакевски, дека суспендирањето на плановите е незаконско. На крајот на 2017 година Општина Центар прогласи мораториум на вкупно 31 детален урбанистички план. Чекорот значеше забрана за нови одобренија за градба сѐ додека не се преработат старите планови, постапи по забелешките од комисијата, се согласно законите и Генералниот план на градот. Градежните компании се пожалија пред Уставниот суд, но иако спорот почна неповолно за локалната власт, Центар го задржа мораториумот. Сега во нова иницијатива до Уставниот суд – повторно се бара во Центар да се гради по старо, објави 360stepeni.mk.
„Со оспорената одлука, Општина Центар ги доведува во нееднаква правна положба граѓаните што имаат сопственост на недвижности на територијата на Општина Центар во однос на граѓаните на другите општини. Во смисла на ограничување на правото непречено да ги уживаат правата, вклучително и правото на градење“, се вели во иницијативата до Уставниот суд.
Претседателот на Градежната комора и еден од инвеститорите, Ивица Јакимовски, вели дека тие не ја поднеле новата иницијатива, но се согласни дека мораториумот е незаконски и дека процесот заглави предолго, што на градежниците им донело загуби од половина до една милијарда евра. Убедува дека градежниците не се тие што ги попречуваат новите детални урбанистички планови, но вели и дека нема да дозволат да им се намалат површините за градење нацртани во старите планови, односно т.н. „стекнато право“. Тој изјави: „Не постои барање од ниту една компанија во моментот да бара да ѝ се зголеми повеќе од тоа што го има во моментот, никој не бара. Доколку постојат услови и општината процени дека треба да се зголеми, ние нема да кажеме ‘не зголемувај, зголеми го’. Но, претходно тоа што си го имал како сопственост, да го намалиш, тоа е недозволиво и тоа не може да помине“.
Постапката за некои планови трае долго, доскорешната претседателка на Советот на Општина Центар и граѓанска активистка Јана Белчева, вели дека не гледа вина кај локалната власт. Вели, се соочуваат со апсурдна ситуација – планерските фирми кои ги најмува општината за изработка на детални планови не ја слушаат локалната власт. Таа изјави. „Некои планови се заглавени зашто очигледно е немањето волја на некои од планерите да постапуваат по забелешките на стручните тела и стручната комисија на одделението за планирање кои совесно си ја работат својата работа, останувајќи на принципите што треба да се коригира во плановите“.
Текстот во целост може да го прочитате на: 360stepeni.mk.