Уште седум луѓе, вклучително и двајца малолетници, ноќеска биле предадени на судијата во рамки на истрагата за минатонеделното убиство на професорот по француски јазик Самуел Пати, изјави претставник на француското обвинителство за борба против тероризмот.
На 16 октомври, среде бел ден, Пати беше обезглавен пред училиштето каде што предаваше во предградијата на Париз, од 18-годишник со чеченско потекло. Полицијата потоа го уби напаѓачот.
Истражителите велат дека тинејџерот сакал да се одмазди затоа што наставникот покажал карикатури на пророкот Мухамед на часот за слобода на изразување. Муслиманите веруваат дека секое портретирање на пророк е богохулно.
Денеска на Универзитетот „Сорбона“ во Париз ќе се одржи национална комеморација за Пати.
На Самуел Пати постхумно ќе му биде доделена највисоката француска награда „Легија на честа“, објави вчера министерот за образование.