Македонија

Бирото за развој препорачува оценувањето засега да биде онлајн

Поради влошувањето на епидемиолошката состојба, а за да се заштити здравјето на учениците и на наставниците, доставиме допис до сите училишта со препорака оценувањето да се одвива на далечина

Бирото за развој на образованието доставило препорака до сите училишта оценувањето да биде онлајн преку платформата, велат од Бирото за порталот факултети.мк.

Причина за ова е влошената епидемиолошка состојба.

„Предвидени се средби со физичко присуство, на кои учениците треба да се тестираат, но поради влошувањето на епидемиолошката состојба, а за да се заштити здравјето на учениците и на наставниците, доставиме допис до сите училишта со препорака оценувањето да се одвива на далечина преку платформата на која се изведува наставата. Оние наставници што не можат да утврдат оценки, можат да организираат средби на кои ќе ги видат постигнувањата и ќе утврдат оценка“,велат во Бирото за факултети.мк.

Од Министерството за образование и наука вчера преку соопштение информираа дека има упатство за наставниците според кое оценувањето може да биде комбинирано – наставникот да го оцени ученикот за неговото учење на далечина, а по потреба може да организира и средби со ученици, на кои ќе мора да се почитуваат мерките за заштита од ковид-19: средбите со учениците ќе траат од 20 до 30 минути, а на нив може да присуствуваат најмногу до 10 ученици.

Првите оценки треба да бидат формирани до 20 ноември.

 

На почеток