Од видео материјал со големина од 10 терабајти кој го анализира Министерството за внатрешни работи, и по две години се утврдува како избега осудениот Никола Груевски, кој сега е азилант во Унгарија. Обвинителството тврди дека во континуитет постапува за да се утврди начинот на бегството, како и лицата кои евентуално му помогнале да го организира чинот. Освен тоа, одземени се и листинзи од мобилни оператори за повеќе телефонски броеви од кои во периодот на бегство се контактирало со Груевски, објави А1ОН.
„Во изминатиот период обвинителството презеде низа дејствија во насока на утврдување на начинот на кој осуденикот избегал, како и утврдување на траги и лица што евентуално би го откриле идентитетот на одговорните за организирање и помагање на бегството. Во врска со кривично-правниот настан обвинителството до сега издаде низа наредби меѓу кои и за одземање на снимки од видео надзор од повеќе локации при што целокупниот прибран видео материјал со големина од околу 10 терабајти што беше доставен за анализа до Министерството за внатрешни работи. Исто така беа издадени наредби за листинзи на повеќе телефонски броеви од лица кои во критичниот период комуницирале или постоело сомневање дека комуницираат со осуденикот. Воедно, преку меѓународна правна помош беа преземени дејствија со државите за кои постоеше сомневање дека осуденикот ги искористил нивните државни граници за бегство“, велат од Обвинителството за „А1он“.