Македонија

Општини со години префрлале народни пари префрлале на вработени и нивните деца

Раководител на сектор потпишувал записници за исплаќање општински пари на организација во сопственост на неговото дете. Советник аплицирал и добивал пари за неговото здружение, кои биле изгласани и одобрени од неговите колеги. Претседател на Совет сам си потпишувал одлуки за општински пари да легнат на сметката на неговото здружение. Ова се само дел од случаите на судир на интереси кои ги детектираше Организацијата на жени на општина Струмица, а се однесуваат на општините Василево, Струмица и Валандово. Единствено Општина Петровец не ги открива финансираните организации на кои им исплаќа средства секоја година. Поради затвореноста на општината, дури и да имало судири на интереси, тоа не може да се утврди. Останатите општини тврдат дека се справиле со ваквите случаи. Но, ниту еден градоначалник не го поткрепи своето тврдење. Никаде во документите кои ни се доставени од распределбата на средствата, нема констатирано судир на интереси, ниту пак, записник како истиот бил елиминиран. Праксата со судир на интереси во некои од општините траела со години, објави А1ОН.

Со зборот „немаме“ испишан на еден лист, градоначалникот на општина Петровец, Борче Митевски, одговори на 20 барања за пристап на информации од јавен карактер испратени од Организацијата на жени на општина Струмица. Тој не ги кажува организациите, но и висината на средствата кои поединечно биле исплаќани од општинскиот буџет, кој го полнат граѓаните. Поради затвореноста и нетранспарентноста на Митевски, не може да се утврди кои се сопствениците на организациите и дали и како во останатите случаи имаат поврзаност со него, со вработени во општината или, пак, со Советот на општината. Сомнежите за судир на интереси се уште поголеми поради тоа што во општината парите за оваа намена се доделуваат без методологија, критериуми и оценување.

Градоначалникот на Петровец, Митевски, во краток разговор за „А1он“ објаснува дека општината финансира само спортски клубови, но не и организации, иако ставката од буџетот за трансфер на средства до невладини организации секоја година се полни и празни. Во 2018 година со буџетот биле предвидени посебни средства за спортски клубови, а посебни за невладини организации и истите се потрошени. Но, за тоа каде се префрлени, никој не дава одговор.

 

Текстот во целост на:  А1ОН.

Истражувањето е спроведено во рамки на проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи“, финансиран од Европската Унија. Содржината на истражувањето е единствена одговорност на Oрганизација на жени од Струмица и „А1он“ и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

На почеток