Од денеска, па во наредните шест месеци со ЕУ ќе претстедава Португалија, чии приоритети во претседавањето ќе бидат насочени кон економско и социјално заздравување на блокот од последиците на здравствената криза предизвикани од пандемијата со Ковид-19.
Како што најавија властите во Лисабон, покрај ова, меѓу приоритетите на португалското претседавање ќе бидат и прашањата поврзани со здравјето и безбедноста при работа, спроведувањето на Европскиот столб за социјални права и дискусиите околу минималната плата, за што е предвидено да се дебатира и на посебен Социјален самит на ЕУ, планиран во мај годинава.
– Португалија е целосно свесна за посебните предизвици во преземањето на претседателството на Советот на ЕУ во време на пандемијата со Ковид-19. Иако се големи надежите дека ќе бидат можни повеќе тет-а-тет средби, треба да се води сметка за здравјето и безбедноста, па се предвидуваат и голем број онлајн настани и состаноци, посочуваат од португалското претседателство.
На политичко ниво трите главни теми на кои ќе се посвети португалското претседателство ќе бидат одговор на економската криза и на нејзиниото социјално влијание преку зајакнување на Европскиот столб за социјални права и спроведување на здравствена политика, базирана на искуствата од ковид-кризата.
Португалската министерката за европски работи Ана Паула Закаријас во интервју кон крајот на ноември минатата година посочи дека главните заложби на претседавањето на Португалија со Унијата ќе бидат социјалните политики и односите меѓу ЕУ и Индија.
Предвидено е Португалија да се посвети и на т.н. „дигитална демократија“, поставување на еколошки и дигитални цели, реформа на миграциската политика, а за на почетокот на годинава се превидува и претставување на амбициозен Акциски план за обезбедување еднакви можности на пазарот на трудот и фер услови за работа со цел „да се спречи претворање на економската и здравствената криза во социјална“.
На надворешен план португалското претседателство ќе се посвети на ревитализација на трансатлантските односи со новата американска Администрација на претседателот Џо Бајден и ќе работи на постигнување договор за слободна трговија со Индија и на регулирање на односите со Велика Британија по Брегзит, на зајакнувње на врските на блокот со земјите од Јужна Америка, како и на организирање самити ЕУ-Индија и ЕУ-Африканска Унија.
Во достапните документи за португалското претседателство не се споменува дека темата за проширувањето на ЕУ ќе биде меѓу неговите приоритети. Од таму, можеби и не зачудува што австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг при минатомесечната посета на Лисабон, апелираше проширувањето на Унијата кон Западниот Балкан да се најде на агендата на претседавањето на Португалија со ЕУ.
Шаленберг во Лисабон изрази жалење што разговорите за членство со Северна Македонија и Албанија не започнаа за време на германското претседателство со ЕУ, во текот на втората половина на 2020 година, нагласувајќи дека е штета што останатите членки на ЕУ не успеале да ја убедат Бугарија да се откаже од блокадата на европскиот пат земјава.