Скопје

Скопјанец осомничен дека телесно ја повредил својата мајка

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 24-годишен скопјанец, осомничен дека сторил кривично дело – Телесна повреда од член 131 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

На 31 јануари, во семејниот дом во селото Љуботен, осомничениот со умисла физички ја нападнал и телесно ја повредил неговата мајка. По претходна вербална расправија, тој најпрвин започнал да ја удира оштетената со тупаници по главата и по телото, нанесувајќи и телесни повреди. Подоцна во текот на денот, додека оштетената седела во дневната соба со сопругот и другиот син, осомничениот се вратил држејќи нож во рацете и им се заканил на сите дека ќе ги убие.

Имајќи предвид дека осомничениот и претходно го имал сторено истото кривично дело, но неговата мајка не го пријавувала, како и можноста тој да се даде во бегство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од осум дена.

На почеток