Македонија

149 години од раѓањето на големиот македонски великан Гоце Делчев

Ѓорѓи Николов Делчев, попознат како Гоце Делчев e македонски национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, апостол и срцето на револуционерна Македонија,[5] идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на XIX и почетокот на XX век.[6] Во Бугарија исто така му оддаваат почит на Делчев како национален херој.

Се школувал во Кукуш, каде што завршил прогимназиско образование (1879– 1887), во Солун, во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ каде што раководел таен ученички револуционерен кружок, и во Софија во Военото училиште (1891–1894). Се вратил во Македонија (1894) и во Штип бил учител во Ново Село.

Тука се сретнал со Даме Груев и се вклучил во раководењето на Mакедонска револуционерна организација. Тој ја проширил мрежата на Организацијата (пролетта 1895 г.) и преку Виница организирал тајни канали. Во Солун учествувал на советувањето со водечките личности на Организацијата: Даме Груев, Пере Тошев и др. за заземање став кон Македонскиот комитет основан во Софија. Во септември бил назначен за директор на училиштето во Штип. Пред крајот на декември 1895 г. Делчев ополномоштен од ЦК на МРО, отпатувал во Софија на разговори со Македонскиот комитет и неговиот придонес кон македонското дело, меѓутоа разговорите биле неуспешни. Организирал пунктови на МРО во Ќустендил и во Дупница (во почетокот на 1896), а во февруари во Штип организирал протестна демонстрација против власта.

Учествувал на Солунскиот конгрес на кој била усвоена нова идеологија и стратегија во дејствувањето. Со Ѓорче Петров ги изработиле новиот Устав и Правилник на Организацијата.

Во текот на Доневата афера поради недостаток на докази бил ослободен, меѓутоа во мај повторно бил уапсен и спроведен во Скопје каде што бил затворен во Куршумли-ан, но повторно бил ослободен. Сепак аферата го свртела вниманието на турските власти кон Делчев. Во септември бил назначен за главен учител (директор) во Банско од каде што ја продолжил дејноста за ширење на мрежата на Револуционерната организација. Се откажал од учителската должност и целосно се посветил на македонското ослободително дело. Ја презел должноста на задграничен претставник на МРО во Софија. Со писмо до католичкиот надбискуп во Пловдив, Менини на Ватикан му ја претставил целта на македонската борба: да се исправи неправедното решение на Берлинскиот договор за Македонија и за добивање полна политичка автономија.

По Солунската афера, Делчев и Ѓорче Петров, како задгранични претставници, ги презеле надлежностите на Централниот комитет. По добиеното известување за апсењето на членовите на ЦК во Солун, со Ѓорче Петров во средината на март издале инструктивно писмо до окружните, до околиските и до селските комитети, како и до војводите на четите, за продолжување на дејствувањето според постојната програма.

Извор/фото:Википедија

На почеток