Дневниот капацитет за вакцинирање во земјава е 880 лица во сите поликлиники во здравствениот дом во Скопје и дополнителни 500 во пунктот во Клиничкиот центар во Скопје, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот додаде дека од утре се очекува да биде во функција и сајтот за пријавување за вакцинација. На овој сајт секој сам ќе се пријавува, а системот ќе генерира приоритети и кога ќе дојде редот за вакцина на граѓаните ќе им стигне известување.
– Денеска зборувавме за тоа како практично ќе се спроведува процесот на вакцинација, согласно распоредот кој е веќе направен. Вакцинацијата ќе се одвива во поликлиникте во Ченто, „Букурешт“, „Јане Сандански“ на повеќе пунктови во зградите во две смени, и по една смена во останатите поликлиники во Ѓорче, во „Млин балкан“, истакна Филипче.
Министерот образложи како ќе се спроведува вакцинацијата и во другите градови. Тој додаде дека низ земјава вакцинирањето ќе се спроведува во вакциналните пунктови според праксата за вакцинирање од сезонски грип.
Дневно во Скопје ќе се вакцинираат по 1.380 граѓани , а 2.500 лица вкупно во земјава. Приоритет за вакцинирање се здравствените работници коишто работат со ковид пациенти. Досега, според министерот Филипче, се пријавени 4.000 здравствени работници, од кои 2.000 се од Скопје.
„Спремни сме да го надградиме системот, гледавме примери од други земји, но не сакавме да избрзаме. Постои можност да направиме и проширување на пунктовите во модуларните болници кои сега се празни бидејќи пациентите се лекуваат на инфективните одделенија во болниците“, рече министерот за здравство Венко Филипче .
Инаку утре ќе биде пуштена во употреба веб страницата на која сите граѓани ќе можат да се пријават за вакцинација, а системот ќе ги одреди термините според приоритетните групи.
фото: Архива
