Министерот за правда Бојан Маричиќ во обраќањето на V-та Меѓународна судска конференција на тема „Судството во состојба на пандемија“ кажа дека пандемијата со Ковид-19 е катализатор на процесот на дигитализацијата на судството. Според министерот и покрај бројните прашања кои се појавија по објавувањето на концептот за дигитализација на правосудството, Министерството за правда во наредниот период ќе посвети посебно внимание токму на овој процес.
– Кога ја преземав функцијата министер за правда кажав дека воведувањето на информатичката технологија во работењето на судовите ќе мора да се случи. И тоа не само заради држењето чекор со трендовите, туку затоа што на тој начин ќе обезбедиме поголема ефикасност и транспарентност во судските постапки, а со тоа и ќе се олесни пристапот до правдата за граѓаните и ќе се придонесе кон поголема доверба во функционалноста на системот. За сето ова потребни се законски измени, технички предуслови како што е опремувањето на судниците за онлајн судења, односно финансиски средства, и секако – респонзивност на правосудниот систем да го направи овој технолошки скок, истакна Маричиќ.
Според министерот сега е вистинскиот момент да се интензивира овој процес со цел да го фатиме приклучокот со развиените европски земји.
– Сметам дека работиме навремено, за што говори и фактот што Европската комисија на 2 декември минатата година ја усвои Комуникацијата за дигитална правда во ЕУ, чија цел е токму да се осигури дека правдата исто така се движи напред во склад со дигиталното време. И на ниво на ЕУ се работи на развој на нова алатка за дигитална правда, која опфаќа целокупна рамка за законодавни, финансиски и ИТ активности за поддршка на дигиталните транзиции на земјите членки, кажа министерот.
Фото: Министерство за правда