Март 2020. За првпат во животов ставив скафандер на себе. Март 2021. Уште носам скафандер. 13 месеци како сум скафандеросан, пишува на ФБ човекот кој зема брисеви за КОВИД 19.
Во продолжение неговата објава во целост:
Она што за жал лошо звучи е што уште ќе сум во полна космонаутска опрема. Небиднина што вирусна што човечка.
Последниов период и самите веќе го приметувате зголемувањето на бројот на заразени а јас директно од терен можам да ви кажам дека очигледно се работи за позаразна мутација (ако е само една, можда освен британски, јужноафрикански имаме и клингонски и ромулански и којзнае каков не сој). Трет бран…..па јас мислам дека ние од првиот не излеговме а не па трет.
Она што барем за мене е приметливо е како што ги нарекувам семејните пакети, односно има цели фамилии заразени. И дечиња се позитивни. Но она што особено ме радува е што децата најлесно или да не речам неприметливо го поминуваат периодот на позитивност.
Е сега, она што е повторно болка, всушност тоа цело време се провлекува. Возрасните, нашите родители, баби и дедовци. Одејќи по домовите наидувам на навистина измачени луѓе, залегнати, снеможени, жални. Некои и сами ми викаат „како да ме прегазил брзи воз“. трпезариска маса преполна со лекови.
Некои од нив со брачни парови, во оние подобрите ситуации едниот е во подобра кондиција па се грижи за другиот. Но има и такви каде и двајцата се паднати, изнемоштени, па децата, внуците се грижат онолку колку што можат без притоа да се стават себеси во опасност а со самото тоа и своите семејства.
Има и домови исполнети само со една баба или дедо. И не знам дали има поболно нешто од тоа кога ќе ми кажат „немам синко никој, сама сум, децата ми се надвор, не можат да дојдат. некако се крепам ама тешко, не знам дали ќе издржам“.
Боли. Боли што не можам да помогнам повеќе.
Тажни слики, тажни баби и дедовци, болни. Болни од Ковид, болни што не си ги виделе и гушнале саканите. Болни од најболната болка – децата им се толку блиску а толку далеку.
Помина цела година, еве како ја почнавме втората со ова вирусиштево. Не мислам се уште да се убедуваме дека има или нема вирус, помина многу време. Но она што ги замолувам сите е да издржиме уште, сепак да ги почитуваме мерките бидејќи не се гледа набрзо крајот доколку вака продолжи однесувањето, освен ако не се случи некое чудо. А чудата многу ретко се случуваат.
Бидете внимателни, претпазливи, совесни токму заради вашите дедовци и баби. Никој од нив не заслужил да биде ставен во ризик порано да го заврши животот. Имаме обврска и одговорност кон сите нив.
Само едно прашање поставете си:
Дали сакам да се однесуваат моите деца и внуци кон мене како јас кон моите родители? Дали сакам да бидат претпазливи?
Мислам дека сите го знаеме одговорот на тоа прашање. Затоа апел до сите.
Почитувајте ги основните мерки за себе, за вашите најблиски и за сите во вашата околина. За кога ќе правиме веселби и ќе се пребројуваме да не зачестиме со „ех, да беше тука сега“.
Колку и да не сакаме, мора да издржиме. Да, не е лесно. Не е лесно да не си виден со многу роднини и пријатели, не е лесно да не можеш да се гушнеш, не е лесно да не можеш да си се изнарадуваш онака како што знаеме и сакаме, како што е нормално. Но ете, ни се погоди нас к`сметот да се соочиме со оваа ситуација и мора да ја пребродиме, мора да бидеме храбри и да издржиме, пак ќе кажам, особено за постарите лица.
Совесно и понатаму за да не` има и утре сите на број
А јас и понатаму ќе сум скафандеросан затоа што секој еден е битен
Ваш Космонаутко