Македонија

„МАНУ да се огради од Коцарев кој шири лажни вести, каква брука!“, професорите од Филолошки – гневни!

Професорите од Филолошкиот факултет „го распнаа“ претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Љупчо Коцарев. Ова следува откако тој тврдеше дека ќе се укинат катедрите по македонски јазик и македонска книжевност. Професорката на Филолошки факултет при УКИМ, Румена Бужаровска е една од оние кои прва го искоментира скандалозното однесување на Коцарев и напиша: „МАНУ би требало да се огради од тоа што нејзиниот претседател скандалозно и тенденциозно шири лажни вести. Каква брука“.

Рaководителката на Катедрата за македонски јазик, Искра Пановска-Димкова, исто така не му остана должа на Коцарев.

„Во однос на тврдењата за укинување на Катедрата за македонски јазик, изнесени по медиумите од страна на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, сакам да укажам дека станува збор за чисти измислици, но и уште пострашно за опасни манипулации и инсинуации истовремено. За жал, тоа се случува токму во годината на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на нашиот патрон и професор – Блаже Конески. Имено, претседателот на МАНУ во својата изјава кажува тешки зборови кои не ги поткрепува со ниту еден каков било доказ, истовремено не посочува ниту една институција, а не пак лице кое евентуално би се зафатило со укинување на Катедрата за македонски јазик. Категорично тврдам дека досега од ниту едно место до мене како раководител на Катедрата за македонски јазик, не допреле какви било „гласини” дека такво нешто се подготвува од некаде. Во целост сум убедена дека Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ никогаш не би завлегол во некоја таква реформа. Во таа смисла, аарам под итно членовите на МАНУ, како највисока академска институција, да се оградaт од ставовите на претседателoт на Академијата, Љупчо Коцарев, изнесени по медиумите. Истовремено ја уверувам македонската јавност дека до колку некој поединец или институција би се дрзнале да чепнат во интегритетот на Катедрата за македонски јазик, ние сите до еден ќе се бориме тоа да го спречиме со сите средства и на сите начини“, напиша Пановска-Димкова.

На почеток