Македонија

Алаѓозовски и претставници на бошњачката заедница: Одговорноста за успешен Попис 2021 е на сите

Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, денеска оствари средба со претставници на бошњачката заедница во Северна Македонија, кои учествуваат на различни нивоа во општествените и граѓански процеси.

На средбата, присуствуваше и Јасмина Ѓорѓиева, координатор на Секторот за дисеминација и односи со јавноста во Државниот завод за статистика, која присутните ги информираше за процесот на попишувањето и за сите детали кои од страна на Заводот се преземени за успешно спроведување на Пописот 2021.

Координаторот Алаѓозовски истакна дека податоците кои ќе се добијат од најобемната статистичка операција која веќе е започната во прва фаза, а која повеќе од 19 години не е направена во нашата земја ќе помогнат за рамномерен регионален развој, кој треба да е инклузивен и да ги опфати сите општини каде живеат етничките заедници, со цел да се насочат правилни политики и мерки за планирање успешен економски и социјален развој.

Беше истакнато дека успешно спроведената методолошка операција ќе помогне и во динамизирање на целите интегрирани во Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот донесени од Владата за 2020-2022 година, односно на Акцискиот план кој помага за поуспешно остварување на овие заложби.

Присутните претставници на бошњачката заедница информираа дека и формираното Координативно тело на Бошњачките организации за Попис 2021 е со цел да се поддржи Пописот и да се оствари успешна транспарентна и инклузивна операција, со што помасовно учество на сите граѓани.

фото: Влада

На почеток