Скопје

Со меѓуопштинска соработка ќе се реконструираат учици во Карпош и во Сарај

Одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Карпош за финансиско учество за реконструкција на дел од улица Загребска е една од точките за која ќе расправа Советот на Град Скопје на наредната седница. Со оваа одлука Градот Скопје целосно ќе ја финансира реконструкцијата на дел од улицата Загребска, на потег од скалите за поврзување со улица Леринска до влезот на детска болница Козле) во должина од околу 200 метри, а за ова намена се предвидени 10 милиони денари.

Оваа одлука е од исклучителна важност, бидејќи со истата се подобрува пристапноста до Институтот за белодробни заболувања – Детската болница Козле, каде што функционира и еден од Ковид-центрите во Скопје. За потсетување, минатата година, Градот Скопје изврши серија на реконструкции и изградби во Клиничкиот центар – Мајка Тереза, односно изгради посебен влез за возилата на итна медицинска помош, се изработи нов влез кај Инфективната клиника, се проширија влезовите кај Клиниката за стоматологија и на влезот на улица Белградска над Клиничкиот центар, а се реконструираа и двата постојни паркинзи кај клиниките за хирургија и за гинекологија и акушерство.

Советот на Град Скопје ќе расправа и за дополнувања на двете одлуки за меѓуопштинска соработка со општината Сарај, со кои се предвидува финансиско учество за реконструкција на улици во населените места Кондово и Крушопек. Со првата одлука, се дополнува износот со кои Град Скопје ќе учествува во реконструкцијата на улица во населеното место Кондово и истиот изнесува 6.338.000 денари. Со втората одлука, се дополнува износот со кои Град Скопје ќе учествува во реконструкцијата на улица во населеното место Крушопек и истиот изнесува 6.873.000 денари.

На седницата Советот ќе расправа и за завршните сметки на градските јавни прептријатија за минатата 2020 година, како и за одлуките за измена на распоредот и проширување на средствата во Буџетот на Град Скопје за 2021 година и за одлуката за иземена и дополнување на Планот на програми за развој за периодот 2021-2023 година. Дополнително, Советот ќе расправа и за одлуките за утврдување на Листата за дополнување на Листата на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на град Скопје, како и за Одлуката за определување и промена на имиња на улици, мостови и плоштади на подрачјето на град Скопје.

 

фото: Град Скопје

На почеток