Заменик-помошникот државен секретар на САД Метју Палмер вели дека е неопходно итно да се одржи Меѓувладината конференција за почеток на преговори на Северна Македонија со Европската Унија, апелирајќи уште еднаш спорот со Бугарија да се решава на билатерален начин, во изјава за Гласот на Америка на македонски јазик.
„Сметаме дека Северна Македонија и Албанија ја заслужија Меѓувладината конференција, формалното отворање на пристапните преговори. Многу сакаме да видиме тоа да биде договорено оваа година“, рече Палмер.
На прашањето за заканите од Бугарија Палмер вели:
„Она што сакаме да го видиме е Северна Македонија и Бугарија преку дијалог да ги решат прашањата во билатералните односи, да ги држат тие проблеми надвор од мултилатерални формати, вклучувајќи го НАТО, и конкретно сега Европската Унија. Сигурно никој не сака да види еден НАТО сојузник, НАТО партнер да му се заканува на друг“, рече Палмер.