Извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурла, изјави дека и трета доза од вакцината е „најверојатно“ потребна, 12 месеци по втората доза. Тој исто така рече дека е потребно еднаш годишно да се прима вакцина против коронавирус.
„Треба да видиме каков ќе биде редоследот и колку често треба да се вакцинираме“, рече Бурла.
Тој додава дека „веројатно сценарио е дека ќе биде потребна трета доза на вакцината Фајзер, некаде помеѓу шест и 12 месеци од втората доза“, проследена со годишна ревакцинација.
Тој потсети дека новите соеви на коронавирус ќе имаат влијание врз процесот на вакцинација.
Фајзер и Бионтек на почетокот на април изјавија дека нивната вакцина е ефикасна против различните видови на вирусот и дека заштитата трае најмалку шест месеци по втората доза. Тие исто така изјавија дека резултатите од третата фаза на клинички испитувања покажуваат дека вакцината е ефективна 91,3 проценти, што е пониско од 95 проценти што првично беше објавено во ноември.