Европската комисија планира да започне правен процес против производителот на вакцини „Астра Зенека“, објави „Политико“, повикувајќи се на петмина неименувани европски дипломати.
На состанокот на ЕУ амбасадорите во средата, најголемиот број од земјите го поддржале поднесувањето на тужбата против компанијата, затоа што не била испорачана договорената количина на вакцини за Европската унија, пренесува „Политико“.
Еден од дипломатите појасни дека поентата на правната постапка е да се обврзе „Астра Зенека“ да ги испорача дозите на фармацевтската компанија се обврзала во својот договор со Европската унија.
„Астра Зенека“ предизвика бес во Европската унија во јануари откако соопшти дека нема да може да ѝ ја достави бројката на вакцини на ЕУ на кои компанијата претходно се обврза.
До крајот на првиот квартал компанијата испорача 30 милиони дози вакцини на земјите од Европската унија, а не 100 милиони дози како што беше договорено. Како што пренесува „Политико“, тој недостаток ја погоди кампањата за вакцинација во целата Европска унија.
Компанијата вети дека ќе испорача околу 70 милиони дози до крајот на вториот квартал кога според договорот со Европската унија треба да има испорачано 300 милиони дози.