Свет

Вучиќ кажа дали сака формирање на голема Србија

Нe сме заинтересирани за создавање голема Србија, за нас голема Србија значи подобра економија, повеќе фабрики, подобри плати и подобра инфраструктура, рече српскиот претседател Александар Вучиќ.

Сепак, тој истакна дека кога ќе го каже тоа, ги слуша луѓето како велат дека не му веруваат.

„Па, јасно ми е дека е потребно време да докажеме дека сме искрени“, рече Вучиќ, зборувајќи во серијалот разговори во организација на Атлантскиот совет, нагласувајќи дека тој во повеќе наврати одговорал на прашањето дали ќе има војна.

„На луѓето им е доста од војна, затоа го напуштија овој регион во изминатите 25 години, а сега гледаме дека полека се враќаат. Ни требаат млади, талентирани и паметни луѓе да се вратат, а не нови војни и нестабилност“, рече Вучиќ.

Според него, само будали мислат дека воена реторика ќе им донесе победа на избори.

„Ние нема да го дозволиме тоа. Дури и ако некој сака да војува, нема да војува со нас. Можеме да го гарантираме тоа“, истакна српскиот претседател.

Прашањето за можни нови војни и поделби во регионот последниве денови е поттикнато од објавувањето на наводниот нон-пејпер за поделба на БиХ, што му се препишува на словенечкиот премиер Јанез Јанша, кој, пак, жестоко го отфрли документот. Вучиќ деновиве беше и во Бања Лука, каде исто така рече дека одбива да размислува за нови војни на Балканот. Тој претходно кажа дека не го видел наводниот нон-пејпер.

На почеток