Нема крај на арамилакот на мафијата на власт среде најголемата здравствена, економска, општествена криза во Македонија. Мафијата нема срам ниту кочница. Без усул се зема од државата и од буџетите на општините, додека народот станува се посиромашен, без заштита и без работа. Златко Марин градоначалникот на Аеродром од СДСМ, е пример за тоа како се однесува СДСМ, Марин е пример за лукративноста на мафијата на власт во време кога веќе втора година е вонредна состојба! Златко Марин, според објавените документи, прави општински набавки на производи по десеткратно поголеми цени и тоа во малопродажба, истакна Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Стоилковски додаде:
Документите кои што излегуваат во јавноста за набавките и тендерите на Златко Марин ги минуваат сите граници на пристојност.
На пример, Златко Марин плаќа една ЛЕД сијалица за улично осветлување – за 48.000 денари! Внимавајте, сијалица – 48.000 денари, една! Само со едно брзо пребарување на интернет, лед сијалици за улично осветлување со истите карактеристики за кои што Марин плаќа 48.000 денари може да се најдат за 2,3,4, па еве и 5.000 денари. Колку овие 48.000 денари за сијалица се неверојатни, колку овие 800 евра за сијалица се набилдани, покажува и споредбата дека бандерата, столбот од 4 метри, со сите карактеристики и потреби за на неа да се стави сијалицата од 800 евра – чини 15.000 помалку, односно 33.000 денари. Бандера, 33.000, сијалица 48.000 денари.
Одиме понатаму, Златко Марин набавува обрач за кош! Само обрач, без табла, без мрежа – обрач за кош, без сите оние други елементи за да можат да играат деца. И за него плаќа 15.000 денари, точно 14.900 денаеи! Златко Марин, професор по физичко, набавува обрач за кош за 15.000 општински денари. Во време на епидемија, луѓето кога се оставени без заштита, седат затворени во полициски час, а тој дава 250 евра за еден обрач, а во продавница обрачи за кош се продаваат за 4.000 денари. Значи не на тендер, туку во продавница, во малопродажба.
Одиме понатаму, Златко Марин со пари од Општина Аеродром плаќа метална чешма за пиење вода за 65.000 денари! Над 1.000 евра за една чешма. Славина, вели замена на оштетена славина со таканаречена цуцла, со механизам за затворање односно „копче на притискање“ тоа чини 7.000 денари. Само за отворање на вентилите на чешми наплаќа 6.600 денари! Отворање на вентил 6.600 денари. 65.000 денари чешма, отворање вентил 6.600 денари, славина со копче 7.000 денари! И така натаму, и така натаму. Сешто може да се најде во набавките на Златко Марин со Буџетот на Општина Аеродром.
Ова е срамно. СДСМ нема ден да не е некој нејзин функционер фатен во криминален скандал. Златко Марин само пред некој месец беше фатен како се обидува да поткупи медиуми и новинари под превезот на наградна игра, што беше осудено од јавноста и од новинарско медиумските организации.
Ова е недозволиво, ова е нечовечки, Златко Марин на тендери да купува сијалица за 48.000 денари, 10 за 480.000 денари, додека граѓаните седат затворени во полициски час!
Оттука, уште што треба да се случи за институциите да почнат да си ја работат работата?
По смената на власта во Аеродром, сите овие набавки ќе одат на ревизија, одговорност ќе има, истакна портпаролот на ВМРО ДПМНЕ.
Стоилковски на денешната прес конференција одговараше и на новинарски прашања. На прашањето, да даде коментар во врска со најавата за укинување на печатени учебници, односно со дигитализација на учебниците, Стоилковски истакна:
– Лажните социјалдемократи, во функција на мафијата на власт си го покажуваат вистинското надмено лице. Вистината е дека нови учебници нема со години, а мафијата на власт сега ги укинува бесплатните учебници! Уште потрагично е што без решение за сегашната ситуација, актуелната со онлајн настава се оние 10% од учениците, односно 25.000 деца сега не следат настава, а по се изгледа вака како што тргнало мафијата на власт го укинува, односно би требало да го укине и законот за задолжително образование! Новата милионерка смета дека тие што немаат – нема потреба ниту да учат. 25.000 деца сега се исклучени од настава заради немање на компјутери, речиси една третина од нив немаат ниту струја дома!
Ама Мила Царовска ја докажува својата неспособност за грижа и сочувство за оние кои што немаат.
Мила Царовска не мисли на нив туку ги правда буџетските тендери за нејзиниот партнер во домот, истакна Стоилковски.
видео: ВМРО ДПМНЕ