Стратешка цел на Словачка е Македонија и Албанија што побрзо да станат членки на ЕУ и затоа Братислава е против раздвојување на преговарачкиот процес за двете земји и смета дека тие треба да ги почнат преговорите заедно, изјави денеска словачкиот заменик министер за надворешни работи Мартин Клус.
– Така е полесно и за двете земји, а и за нас, бидејќи полесно ќе можеме да ги споделуваме искуствата, дури оние што ги има Словачка, што секако не се само позитивни. Ако двете земји ги започнат преговорите заеднички, ќе можеме побрзо да ги донесе и С. Македонија и Албанија во ЕУ. Тоа е стратешка цел на Словачка, истакна Клус на денешната промоција на словачката донација за Клиниката за детски болести.
Вицепремиерот Никола Димитров рече дека нема гаранции дека земјава ќе ги почне преговорите со ЕУ во јуни, но според него има посветеност во Лисабон од страна на португалското претседателство и треба да се искористат сите шанси.
„Се разбира ние имаме многу што да изгубиме ако повторно нема почеток на преговорите и нема успех. Меѓутоа мислам дека и Бугарија има многу што да изгуби, бидејќи ја пропуштаме приликата и таа треба да ја вратиме, да имаме вистинско блиско партнерство и соработка. Тоа не оди и не е компатибилно со блокирање на процесот со политиката на вето. Ќе изгуби многу и ЕУ. Ќе биде многу тешко зоборовите на ЕУ да бидат третирани со доверба и сериозност, не само кај нас, во целиот регион“ порача Димитров.
Фото: Архива