Македонија

Мицкоски: Трудот и работникот не биле никогаш толку погазени како сега од оваа најнеспособна, најнеодговорна и најкорумпирана власт во Европа

Дозволете во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани на Република Македонија да им го честитам 1-ви Мај, Меѓународниот ден на трудот. Оваа година работникот и неговиот трудот како никогаш до сега е девалвиран и потценет. Оваа година е најцрната економска година за Македонија. За една година во Македонија има над 60 илјади нови невработени, преку 6000 компании кои ставија клуч на своите врати и скоро 600 илјади лица живеат во сиромаштија. Згора на сето тоа животот станува се поскап, цените на основните намирници растат, поскапуваат горивата и струјата, а со тоа и трошоците на секое едно семејство. Безнадежноста и чувството дека се оставени сами на цедило го одбележуваат овој 1-ви Мај, се вели во Честитка од Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по повод 1-ви Мај – Денот на трудот.

Во продолжение на истата Мицкоски додава:

Чувството на горчина кај секој од нас не е само поради падот на стандардот, туку и поради негрижата и лошите политики на оваа власт, кои не даваат надеж дека наскоро работите ќе се подобрат. Да, пандемијата влијаеше врз нашите животи, врз економијата и стопанството, но во Македонија црните економски статистики и колапсот се најизразени во споредба со целиот регион. Сликата со правата на работниците и нивниот стандард никогаш не била потажна и поцрна.

Мерките кои оваа влада ги превземаше беа или необмислени или задоцнети, па наместо конкретна помош се претворија во обична маркетинг шминка. Наместо ветуваните над милијарда евра помош, кај стопанството и кај работниците завршија само трошки. Токму затоа имаме состојба во која кај елитата на празничните трпези ќе има златни лажици, а кај најголемиот дел од народот живот на вересија. Затоа кај истата таа елита гледаме скапи мотори и хациенди, а кај огромно мнозинство на граѓаните грижи како да ги платат сметките, како да ги вратат кредитите и како да врзат крај со крај во месецот.

Ќе се обидат со розови очила, статистички акробации, празни флоскули и излитени ветувања да убедуваат дека работникот живее подобро или повторно да ветат дека ЌЕ донесат живот, но тоа секој работник, секој чесен и честит граѓанин ниту го чувствува, ниту ќе го почувствува со оваа неспособна, неодговорна и најкорумпирана власт во Европа.

Време е тоа да се промени. Време е поразите и неуспесите да се заменат со чесна работа, посветеност и стратегија која ќе донесе добробит, подобар стандард и вреднуван труд.

Честит 1-ви Мај!
Честит Ден на Трудот!

На почеток