Македонија

Црвен крст Охрид: Иако бевме повикани да помагаме, денеска бевме грубо избркани од вакциналниот центар

Со жалење и неверување Ве известуваме дека денес, 04.05.2021 г., во 8 ч. екипата на Црвен крст Охрид која на барање на Директорката на Здравствен дом Охрид беше повикана да помага во процесот на масовна вакцинација во спортската сала Билјанини извори, беше грубо избркана од страна на Сашо Денесовски, т.н. координатор на спроведување на масовната вакцинација во Охрид, се вели во реакцијата од ОО Црвен крст Охрид.

Во продолжение на истата од Црвен крст додаваат:

За жал и овој пат личните комплекси и фрустрации на една личност победуваат пред потребите за асистенција и помош на лицата кои се вакцинираат и на олеснување на административната работата на оние кои се вклучени да го спроведуватавакциналниот процес, што е активност на волонтерите на Црвениот крст во сите земји во светот каде се спроведува масовна вакцинација против Ковид-19.

Нашите волонтери остануваат подготвени, доколку има потреба да продолжат во помагање и
олеснување на процесот на вакцинација против Ковид-19 на вакциналниот пункт на Здравствен дом Охрид во Општата болница Охрид, велат од ОО на Црвениот крст.

Министерот за здравство, Венко Филипче, за А1ОН вели дека Денесоски не е координатор поставен од Министерството за здравство, туку лицето Сања Саздовска. Сашо Денесоски, пак, вели дека тој е ангажиран од Министерство за здравство и градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиевски.

Денесоски вели дека опремувањето на вакциналниот пункт чинело 800 илјади евра, а се било платено до него, односно „СОС Балкан медиа“.

„Општина Охрид има 0 денари трошок, Министерство за здравство 0 денари трошок, Здравствен дом 0 денари трошок, Општа болница 0 денари трошок. Се што гледате е од ‘СОС Балкан медиа’“, додава Денесоски.

 

 

На почеток