Македонија

По изјавата на Пендаровски дека можно е да се бара повторно судење за „27 април“, Мицкоски побарал и добил средба со претседателот

По ставот на претседателот Стево Пендаровски дека може да се бара повторно судење за осудените за насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побарал и добил средба во Вила Водно.

Ова доаѓа откако пред пет месеци Мицкоски го нарече претседателот на државата „неискусен политичар“, а за неговите ставови дека не знае колку се релевантни. Мицкоски и Пендаровски треба да се сретнат во петок, соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Ваквата информација се уште не е потврдена од Кабинетот на Пендаровски.

Во телефонскиот разговор, Мицкоски и Пендаровски, според кажувањата на брифингот, се договориле да разговараат за две теми. Едната ќе биде за повторно судење на осудените за упадот на „27 април“, а втората ќе е актуелната политичка, како и економска состојба во државата.

Мицкоски на брифингот потенцираше дека не бара амнестија за обвинетите за настаните од 27 април, туку шанса за фер судење на обвинетите за тоа што го направиле, бидејќи се осудени за тероризам, а тероризам немало.

Мицкоски во август минатата година кажа дека неговата партија ги замрзнува односите со Пендаровски, бидејќи претседателот на државата му го додели мандатот за формирање Влада на Зоран Заев и СДСМ, без како што тврдеше, да има парламентарно мнозинство.

На почеток