Македонија

Николовски: 90 проценти од правните лица го пријавиле вистинскиот сопственик во законскиот рок, во секоја компанија се знае кои се вистинските сопственици

Вкупно 69.284 субјекти, односно близу 90% од правните субјектите, во рамки на законскиот рок, во Регистарот на вистински сопственици,  ги впишале своите вистински сопственици, односно физичкото лице кое директно или индиректно остварува управувачка или контролна улога во еден правeн субјект. Ова денеска го соопштија заменикот на претседателот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресусри, Љупчо Николовски и директорката на Централниот регистар на Република Северна Македонија, Марија Бошковски Јанковска.

Вицепремиерот Николовски посочи дека со воспоставувањето на овој регистар е исполнета обврската предвидена во соодветното европско законодавство за спречување на перење пари и финансирање тероризам.

„Со ова врвно технолошко решение,  институциите во државата, добиваат уште една квалитетна алатка во борбата против перењето пари и финансирањето тероризам. На овој начин, отвораме едно револуционерно поглавје во транспарентноста кога се работи за македонското стопанство – една сосема нова слика за тоа кој стои зад, неретко, комплексни и слоевити сопственички структури на нашите фирми и здруженија на граѓани. Во секоја една компанија се знае кои се вистинските сопственици, уште повеќе навлегуваме и во евидентирање на сите оние компании коишто од странство се регистрирани во нашата земја, коишто регистрираат тука компании и прават финасиски текови. Дојде време кога мора јасно, отворено да се знаат сите сопственици без да има можност да сокриваат“, рече вицепремиерот Николовски.

Податоците од Регистарот на вистински сопственици, од 28-ми април, се веќе јавно достапни преку системите за издавање информации од Централниот регистар.

Директорката на ЦРРСМ, Бошковска Јанковски, изјави дека најголемиот дел од оние кои не се регистрирани се субјекти кои подолг временски период немаат економска активност, ниту контакти или сметка во банка.

„Очекуваме овој процент и дополнително да се зголеми, со оглед на тоа што правните субјекти што немаат пријавено вистински сопственик ќе се соочат со пречки во работењето во правниот и во финансискиот промет. Од субјектите коишто поднеле пријава, околу 47.600 се друштва со ограничена одговорност со едно лице (ДООЕЛ) , околу 9.600 се друштва со ограничена одговорност (ДОО), 285 се акционерски друштва, 6.030 се здруженија на граѓани и 5.769 останати субјекти со други организациски облици.

За приближно 59.000 субјекти е запишан еден единствен вистински сопственик, а најголем број на сопственици запишани за еден правен субјект е 34, и тоа е Стопанска интересна заедница на заштитни друштва на Македонија. Во регистарот се запишани приближно 70.150 различни физички лица како вистински сопственици. Од нив 93,5% се македонски државјани, 0,5% се странци со регулиран престој, а останатите 6%, односно околу 4.300 лица, се странци. Странците доаѓаат од 88 држави, а најмногу вистински сопственици – странци имаме запишано од следните пет држави: Турција, Бугарија, Србија, Грција и Германија. Најголем број на субјекти каде што едно исто лице се јавува како вистински сопственик е 25 правни субјекти, а околу 62.200 лица се јавуваат како вистински сопственици на само еден правен субјект. 69.025 лица се запишани како вистински сопственици преку индикаторот директна сопственост, 2.755 лица преку индикаторот индиректна сопственост и 11.797 лица преку индикаторот „на друг начин остварува контрола“.

Иако рокот за уписите во Регистарот на вистински сопственици е завршен, останува обврската секој новооснован субјект во рок од осум дена од основањето да го запише вистинскиот сопственик. Постоечките правни лица ќе треба континуирано да ја пријавуваат секоја промена во сопственичката структура во рок од осум дена од нејзиното настанување. Сите уписи извршени во законските рокови се бесплатни.

Заклучно со 27-ми април, сите податоци од регистарот се доставени до надлежните институции за натамошно постапување и до банките, кои имаат клучна улога како субјекти кои преземаат мерки за спречување на перење пари и финансирање тероризам.

На почеток