Македонија

Заев: Дигитализацијата е заштита на јазикот, makedonski.gov.mk е манифестација, грижата на Владата за македонскиот јазик дома и пред светот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска ја промовираше дигиталната платформа makedonski.gov.mk на која е поставен „Толковниот речник на македонскиот јазик“ на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ со над 100 илјади зборови.

Промоцијата на оваа дигитална платформа која Владата ја промовира точно денес, на денот на македонскиот јазик, е владина активност во рамките на Програмата за одбележување на 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески, еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик.

На промоцијата која што се одржа во Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ учествуваа и претседателот на Република Северна Македонија, како покровител на целогодишната програма по повод 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески, министерката за образование и наука Мила Царовска, министерката за култура Ирена Стефоска, директорката на Институтот за македонски јазик професор д-р Елена Јованова-Грујовска, и раководителка на проектот „Толковен речник на македонскиот јазик“, професор д-р Снежана Велковска, како и повеќемина научни работници од институтот и од други високообразовни институции од земјата.

Премиерот Заев во своето обраќање соопшти дека од денеска Дигиталниот толковен речник на македонскиот јазик им стои на располагање на сите што сакаат да го користат македонскиот јазик, граѓаните на Северна Македонија, нашите сонародници од севкупната македонска дијаспора и останатите заинтересирани поединци, научници и деловни луѓе во целиот свет.

„Веб платформата македонски.гов.мк, која е во сопственост на граѓаните, и ќе се надоградува од граѓаните, академската и научната заедница, и понатаму останува под стручен надзор и развој на Институтот за македонски јазик, а Владата е тука за да го модерира техничкиот дел на процесот и да го одржува системот. Тоа значи дека платформата понатаму ќе се развива заедно со сите научни работници, лектори, македонисти, и други научници кои низ својата интердисциплинарна работа опфаќаат лингвистика, и кои ќе можат редовно да го ажурираат речникот, да го дополнуваат и менуваат, за истиот да расте и да се развива. Ова ќе овозможи да си го негуваме јазикот, но и да го проучуваме подобро и побрзо од било кога“, нагласи премиерот Заев во своето обраќање.

Заев додаде дека е огромно значењето на „Толковниот речник на македонскиот јазик“ за македонскиот народ и дека претставува историско научно остварување со кој се потврдува дека Македонците се народ со богата лексика, со долга јазична традиција и многу богато лексичко наследство, кое не може да се оспори.

„Јазичното богатство содржано во „Толковниот речник на македонскиот јазик“ е уште едно сведоштво за различноста и посебноста на македонскиот јазик во словенскиот свет, и за неговата автентичност во светската листа јазици. Лексиката опфатена во сите шест тома од „Толковниот речник на македонскиот јазик“ е приказ за различноста на македонскиот од другите словенски јазици, а со тоа и сведоштво и потврда за неговата посебност“, потенцираше претседателот на Владата на промотивната активност по повод лансирањето на дигиталната платформа на „Толковниот речник на македонскиот јазик“.

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски на промоцијата истакна дека македонскиот јазик му дава легитимитет на македонскиот идентитет и дека е наше природно и основно човеково право и чувар на нашата колективна меморија.

„Активно да ги поддржуваме домашните и меѓународните научни истражувања и проекти во сите области поврзани со македонскиот јазик и неговите дијалекти. Да вложуваме во македонскиот образовен систем, во студиите, катедрите, лекторатите и издаваштвото, да вложуваме во македонистите во земјава и странство, во творечките потфати на нашите писатели и поети. На тој начин, ќе стоиме обединети во одбраната на македонскиот јазик“, нагласи претседателот Пендаровски.

Тој понатаму додаде дека вложувањето во македонскиот јазик и литература не е трошење на ресурсите, туку градење на нашата единствена комплетна татковина, како дел од европскиот културен и образовен простор.

Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, професор д-р Елена Јованова-Грујовска, потенцираше дека лансирањето на дигиталната платформа на „Толковниот речник на македонскиот јазик“ makedonski.gov.mk се совпаѓа со 95 годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков. Патронот на институтот и по повод 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески, и во чест на овие годишнини денеска свечено ѝ подаруваме електронското издание толковникот на македонската и на светската јавност

Раководителката на проектот „Толковен речник на македонскиот јазик“, професор д-р Снежана Велковска им се заблагодари на сите бројни научници од повеќе генерации кои работеа на шесттомно издание на „Толковниот речник на македонскиот јазик“ и порача дека со неговото дигитално издание корпусот на лексеми, односно на нови зборови, добива можност да се развива и унапредува преку постојана грижа за македонскиот јазик и неговото претставувањето пред светската лингвистика.

На почеток