Свет

(ВИДЕО) Хамас го ракетираше Израел, има загинати

Неколку минути откако стапи на сила ултиматумот на палестинската милитантна организација Хамас, кој беше испратен до израелската влада за да ги повлече своите безбедносни сили од областа околу џамијата Ал Акса, сирените предупредија за ракетен напад во Ерусалим, пренесува агенцијата „Ројтерс“.

Набргу потоа одекнале детонации, по што се огласи и претставникот на военото крило на Хамас, Абу Обеидa и потврди дека ракетните напади биле одговор на, како што рече, злосторството и агресијата што Израел ги прави во Ерусалим, објави АП.

„Ова е порака што непријателот мора добро да ја разбере“, рекол Обеидa, заканувајќи се со нови напади доколку Израел повторно им нареди на своите безбедносни сили да упаднат во џамијата Ал Акса или да извршат протерување на Палестинците кои живеат во источен Еурслим.

Набргу откако беа активирани сирените од Појасот Газа, во Ерусалим се слушнало лансирање на ракета, а потоа и на втора.

Во меѓувреме, како што објави „Ројтерс“, европскиот комесар за надворешни работи Жозеп Борел повикува на мир во источен Ерусалим, откако повеќе од 300 Палестинци беа повредени во судирите со израелската полиција околу џамијата Ал Акса.

„Ситуацијата што настана поради најавата за протерување на палестинските семејства од источен Ерусалим предизвикува сериозна загриженост. Таквата акција е незаконска и е во спротивност со меѓународното хуманитарно право. Само поттикнува зголемување на тензиите”, предупреди Борел, а пренесе „Ројтерс“.

Засега нема информации за можни жртви во ракетните напади или материјална штета, но израелската армија потврди дека кон Ерусалим биле истрелани седум ракети.

Израел исто така ги јакне силите на Западниот брег и Појасот Газа, од каде милитантите испукаа ракети кон југот на еврејската држава.

Израелската армија потврди возвратен ракетен напад врз Појасот Газа, посочувајќи дека во тој напад загинале тројца припадници на Хамас, пренесе „Харец“. Деветмина Палестинци, вклучително и три малолетни лица, загинале во израелските напади врз појасот Газа, изјави портпаролот на палестинското Министерство за здравство.

Според „Јерусалем пост“, меѓу убиените припадници на Хамас е и еден од командантите, кој бил мета на израелската армија.

Исто така, според извештаи на локалните медиуми, во меѓувреме е пријавен пожар во џамијата Ал Акса во Ерусалим.

извор: Макфакс

фото: BBC

 

На почеток