Македонија

Народниот правобранител: Родителите и учениците мора да бидат слушнати дали се подготвени за дигитални учебници

Народниот правобранител, имајќи го предвид јасно изразеното незадоволство од страна на граѓани/родители и ученици во однос на најавената реформа во образованието – воведувањето на дигиталните учебници, во согласност со предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование и сериозноста на ова прашање, денеска оствари средби со претставници на граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ и „Менуваме“, на која беше информиран за ставовите што ги поддржуваат двете иницијативи.

На средбите народниот правобранител ги запознаа претставниците со веќе изнесениот став на институцијата по ова прашање, доставен до ресорното Министерство во форма на препорака со насоки за преземање мерки почитувајќи го принципот на најдобар интерес на детето и правото на еднаков пристап до образование на секое дете.

Народниот правобранител го поздрави прекинот на бојкот на настава, со оглед на ставот на институцијата дека бојкотот е на штета на децата и нивното образование и ги охрабри претставниците да го продолжат дијалогот со надлежните органи во насока на изнаоѓање најсоодветно решение за најавената реформа, која ќе ги земе предвид и мислењата на родителите, наставниците и пошироката стручна јавност.

Според народниот правобранител, при спроведување една ваква сериозна реформа, трите клучни фактори – ученици, родители, наставници – задолжително треба да бидат консултирани. Исто така, потребна е и изработка и на сеопфатна анализа колку државата е подготвена да спроведе реформа од ваков вид, со оглед, меѓу другото, и на фактот дека образованието (и основното и средното) е задолжително и бесплатно, што кореспондира со Конвенцијата за правата на детето.

Родителите и учениците мора да бидат слушнати дали се подготвени да поддржат еден ваков концепт, кој изискува техничка поддршка, но и соодветна обука на сите инволвирани во процесот, а не треба да се занемари и наставниот кадар, кој директно треба да ја спроведе оваа новина.

Народниот правобранител смета дека дигитализацијата е несомнено напредок во образованието и треба да се поддржи, но без соодветни предуслови оваа реформа нема да ги даде очекуваните резултати.

Народниот правобранител апелира до директорите на училиштата и образовниот кадар да не вршат притисоци врз децата (преку пишување неоправдани изостаноци, намалување на поведението и сл.) затоа што го користат уставно загарантираното право на изрзување незадоволство и во таа насока ги охрабрува учениците /родителите секоја форма на притисок да ја пријават на бесплатната телефонска линија за деца 0800 88 500 на народниот правобранител, како и до надлежните органи.

На почеток