Македонија

ВМРО-ДПМНЕ бара оставки од Димитров и Спасовски

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција на која зборуваше порпаролот на партијата Наум Стоилковски, побара неколку мерки од Власта. Пред се побара министрите за надворешни и внатрешни работи Никола Димитров и Оливер Спасовски да си поднесат оставки, потоа побара да се почитува одлуката на референдумот.

„Мора да се стави крај на црнилото во која што СДСМ со аболираниот Зоран Заев ја зави Република Македонија. Оваа наметната власт не води битка за добробитта на народот, оваа власт води битка со народот, со опозицијата, води битка за што поголемо омаловажување на народот, за економско пропаѓање на државата и граѓаните преку повисоки даноци кои што го осиромашуваат и бизнисот и работниците, оваа власт води битка со јасно изразената волја на граѓаните злоупотребувајќи ја најдемократската алатка – референдумот!

Мора да престане теророт и прогонот врз слободната мисла, врз опозицијата, мора да застане економското девастирање и одземањето на парчето леб на народот, мора да застане труењето – еколошкиот геноцид врз идните генерации, мора да престанат навредите врз народот кој што оваа однародена власт го нарекува искомплексиран, мора да биде слушнат јасниот глас на народот – јасната и недвосмислена порака искажана на референдумот против капитулантскиот договор од Преспа за промена на Уставот со цел промена на уставното име и идентитет.

Почитувани, пркосот нема да сопре, ВМРО-ДПМНЕ народот нема да сопре во спротивставувањето на наметнатите црнила. ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата „За подобра Македонија“, во име на слободната мисла на народот бара:

  • Итна и неотповиклива оставка на однародениот министер којшто својата нација ја нарече „Искомплексирана“ нација. Министерот зема буџетска плата благодарение на ова нација, ужива во привилегиите со буџетот да го школува семејството надвор од Република Македонија, па упатува непростлива навреда кон истиот тој народ.
  • Итна и неотповиклива оставка бараме на министерот за терор и прогон, Оливер Спасовски.Спасовски откако е министер реди само порази, мафијата ги презеде градовите, се случуваат убиства кои остануваат нерасчистени, а тој води шпионски акции, претреси и омаловажувања на според СДСМ политички неподобните граѓани на Република Македонија.
  • Веднаш да сопре иницијативата од Владата за покачување на даноците во Република Македонија. Во услови на економски колапс, дупка од капитални инвестиции, отсуство на инвестиции, однародената Власт мора да престане со осиромашувањето на бизнисот и дополнителното осиромашување на народот, на сметка на свое лично богатење на властодршците.
  • Веднаш продолжување на проектот за гасификација на Република Македонија, и тоа  од централно до општинско ниво. Тоа е вистинскиот чекор за навистина почист воздух. Да престанат лагите, декларативните ветувања од оваа однародена власт за некакви лажни еколошки зафати.
  • Бараме веднаш да се формира независно тело кое ќе се занимава црниот Вотергеј на Заев да биде расчистен, прислушувањето на обвинителите и сите судии да биде разгледано. Да биде предводено од човек на предлог  на опозицијата, со задача да ги преслуша, анализира, систематизира материјалите од прислушувањата на обвинителите. Да се истражат нарачаните пресуди, нарачаните обвиненија за луѓето од 27-ми април, нарачаните обвиненија за ВМРО-ДПМНЕ.
  • Почитувани, ВМРО-ДПМНЕ во име на Коалицијата и во име на слободната мисла и слободно изразената волја на народот, бараме почитување на јасно изразената волја на референдумот. Не смее да се изигрува Референдумот, кој што однародената власт не успеа да го намести, да го фингира и покрај сите манипулации со брзо гласање. Не смее да се продолжи со изигрување на демократијата со непочитувањето на најдемократската алатка и волјата на граѓаните“, рече Стоилковски.
Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток