Македонија

Македонија на есен може да очекува нов бран на корона, стравува и Филипче

По поплаките на  пациенти дека не се закажуваат ургентни случаи за операција бидејќи медицинскиот кадар е на одмор, министерот за здравство Венко Филипче вели дека тоа не е вистина. Според Филипче  целовкупниот програм се одвива нормално. Доктори и сестри користат одмори, бидејќи не се знае каков бран на вирусот може да има во Македонија на есен, вели тој.

„Во тек сум, тоа не е вистина. Целокупниот програм се одвива нормално. Итните случаи, заедно со малигните, не запреа ниту во вонредната ситуација лани. Точно е дека добар дел од лекарите ги користат старите заостанати годишни одмори. Лекарите и сестрите не беа повеќе од година дена на годишен одмор. Заеднички став и порака е да се користат старите одмори сега до крајот на јуни и во летните месеци. Организацијата е направена за воопшто да не трпи редовното изведување на интервенциите. Фокус ставаме здравствените работници да се одморат, бидејќи не знаеме што не чека на есен. Можно е да имаме нов бран, нов силен притисок, тие луѓе заслужуваат одмор. Но тоа не значи дека програмот за операции – трпи“, рече Филипче.

За новата мутација на Корона вирусот Филипче вели:

„Нова форма на мутација која може да биде позаразна од сегашните активни е присутна насекаде. Но, што е многу важно, дека буквално сите вакцини штитат од тешка форма на болеста или смртен исход, дури и од таква мутирана форма на вирусот. Епидемиолошките анкети покажаа дека нема потреба од дополнителни мерки“, додаде Филипче.

На почеток