Македонија

Мицкоски за Спасовски: Нервозно ме нападна, ме навредуваше се посрамоти и си отиде

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи одговори на прозивките од потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски кажани на трибината „Најдоброто за нашата општина“. Откако Спасовски рече „Ниедна боја не може да ги прикрие криминалот и корупцијата на ВМРО-ДПМНЕ“, Мицкоски кажа дека бил нервозно нападнат и навреден.

„Дојде во Гостивар, се посрамоти и си отиде. Министерот кој потпиша македонски пасоши на балкански нарко босови, а нема за македонските граѓани, нема регистарски таблички, осуденици му бегаа од затвори, се прислушкуваа обвинители и судии, шверцуваа цигари градоначалници, шверцуваа дрога и мигранти полициски началници и што ли уште не, зборува за реформи! Ова е нашата реалност што ја нудат овие луѓе. Криминал, корупција, срам и порази. Јас нема да зборувам на нивото како овој човек. Времето на политичките изманици и циркузанти помина. На народот му се потребни решенија“, напиша Мицкоски.

Тој додаде дека за неколку месеци, граѓаните ќе одлучат во каква Македонија сакаат да живеат.

„Мојот сон е Македонија за сите луѓе. Сон кој ќе стане јаве за неколку месеци од денес. Многу чесна работа и откажувања. Безмилосна борба со криминалците и корумпираните во политиката, одговорност…, стоп за срамот и поразите, понуда на победи и успеси. Драги пријатели, ова е нашата понуда, мојот сон за Македонија, а релноста е понудата на Заев и Спасовски“, додаде Мицкоски.

На почеток