Македонија

Димитров: Свесни сме дека да се биде Европеец не значи само зачленување во ЕУ

Денес во Париз, министерот за надворешни работи Никола Димитров, учествуваше на состанокот на високо ниво на француско-германската иницијатива за борба против недозволена трговија со лесно оружје во земјите од Западен Балкан, на покана од францускиот Министер за надворешни работи до Министрите за надворешни и внатрешни работи на 6-те земји од З.Балкан. Состанокот беше воден од страна на МНР на Франција, Жан-Ив Ле Дриан и МНР на Германија, Хајко Мас, а на истиот покрај Министри од Регионот учествуваа и Министри од земји членки на ЕУ и други високи претставници на земји донатори и на меѓународни организации.

Во своето обраќање, МНР Димитров најнапред ја потенцираше важноста од соработка и интеграција на Регионот во ЕУ, експлицитно демонстрирано во екот на мигрантската криза во 2015 година. Заблагодарувајќи се за поддршката од партнерите на патот на европската интеграција, тој нагласи: „Свесни сме дека да се биде Европеец не значи само зачленување во ЕУ, туку и сет на вредности и практики на добро управување, владеење на право, борба против корупција, незаивисни и силни институции.”

Притоа во контекст на исполнување на стандардите за членство во ЕУ, Министерот изрази подготвеност за уште потесна соработка во однос на безбедносните прашања од различен вид, вклучително и контролата на илегална трговија со мало и лесно оружје, во интерес на креирање побезбедни општества за нашите граѓани и борба против организираниот криминал.

МНР Димитров истакна и дека „Патоказот за изнаоѓање одржливо решение за незаконско поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и муниција во Западен Балкан до 2024 година, усвоен на Самитот за Западен Балкан во Лондон на 10 јули 2018 година, претставува одлична рамка, комплементарна на веќе постојните национални и регионални иницијативи, за засилување на контрола и непролиферација на мало и лесно оружје”.

Покрај учеството на денешниот состанок, кој претставуваше одлична можност и за размена на мислења и разговори на МНР Димитров со повеќе колеги, во рамки на работната посета на Париз, ќе се обрати и во Фондацијата Роберт Шуман на тема „Европската перспектива на Македонија по Договорот со Грција”.

Исто така, утре, во Собранието на Француската Република, министерот Димитров ќе се сретне со претседателката на Комисијата за надворешни работи и со група пратеници.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток