Во селото Орешани кое се наоѓа во јужниот дел на Скопската Котлина во составот на Општина Зелениково, убиени се 2 Штрка пред нивното гнездо.
Големите штркови гнезда, поставени долж патиштата, високо на електричните столбови се честа слика речиси низ сите делови на држвата од рана пролет па се до последните топли денови во есента. Враќањето на штрковите меѓу јавноста во Македонија се смета за неофицијален почеток на пролетта. Тие, заедно со ластовичките се првите знаци дека ладните зимски месеци завршуват и почнува новата сезона.
Кај нас, може да се сретнат два вида штрка; белиот штрк (Ciconia ciconia) и црниот шртк (Ciconia nigra). Иако ова се два многу блиски вида, сепак имаат различна екологија и за разлика од белиот, црниот штрк многу поретко може да се сретна на отворени простори. Преферира да живее во мирни зашумени области и своите гнезда ги прави подалеку од урбаните и руралните средини, на високи крошни од дрвја или пак карпи, слично како мршојадците.
За разлика од тоа белиот штрк, во текот на развојот на човечките населби тој сосема се привикнал на живот со и близу луѓето, користејќи ги често, а во поново време најмногу човечките градба како место за поставување на своите гнезда. Затоа белиот штрк е честа во птица кај нас, особено во руралните, низински делови и низ котлините.
Штрковите живеат во многу подрачја во светот, и на посуви места од блиските на нив чапји, ибиси и лажичарки.
Штрковите се неми, не испуштаат гласови, а комуницираат со штракање на клунот. Многу видови се преселници. Повеќето од нив јадат жаби, риби, инсекти, црви, мали птици и мали цицачи. Има 16 вида штркови распоредени во 6 рода. Поради крупното тело, а и големите крилја кои достигнуваат распон и до 3,2 метра, при летањето штрковите ги користат воздушните струења. Нивните гнезда се многу големи и може да ги користат повеќе години. Гнездото може да биде и до 2 метра во пречник и околу 3 метра длабоко. Тие се моногамни, но не онака како што се мислело за нив порано. Можно е да го сменат партнерот по миграцијата, или да мигрираат без својот партнер. Нивното доживување како верни партнери потекнува од митологијата и културата, а не од реалниот живот.
Од белиот штрк може да научиме многу; за посветеност, одлучност и издржливост. Преку неговиот живот учиме за постојана врска помеѓу човекот и другиот дел од природата како и за поврзаноста на екосистемите.