Македонија

Изречени пресудите за „Организатори на 27 април“, затвор за Вељаноски, Јанакиески, Ристовски и Атанасовски, еве кој колку доби …

Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски е осуден на шест години и шест месеци затворска казна. Ексминистерот за образование Спиро Ристовски доби казна затвор од шест години и три месеци, во која му се засметува времето поминато во притвор и куќен притвор. На ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески му е изречена шест години и три месеци во која му се засметува времето поминато во притвор и куќен притвор. Ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски доби шест години затворска казна, во која му се замсетува притворот и куќниот притвор.

„Виновни се затоа што по неуспешните преговори за формирање на Влада, изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поред и безбедност на Македонија со акти на насилство за да не се предаде мирно власта. Како отежителни околности се тежината на кривичното дело е позицијата на обвинетите, умислата на обвинетите, општествената опасност од таквиот вид на кривични дела бидејќи се повреди сржта на претставничката демократија, степенот на кривична одговорност кои делувале како организатори, што се посегна по редовното функционирање на Собранието. Според судот овој кривично правен настан е плански мотивиран, смислен, реален за да се зачува власта. Судот ги ценеше како отежителна околност и загрозувањето на животот на пратениците, дејствијата кои биле преземени. Ваквите отежителни околности ги доведе во корелација со олеснителните околности дека се родители на малолетни деца, фактот дека против обвинетите Ристовски, Вељановски, Атанасовски не се водат други кривични дела, однесувањето на обвинетите во постапката, соработката со судот, обезбедување на голем број на сведоци со оглед на краткиот рок на доставување на судска постапка, изразеното жалење за настаните. Судот не можеше да не ја земе во предвид дадената амнестија дадена со Законот за амнестија. Дел од амнестираните лица беа исто така високи лица во државата. Ова упатува за ублажување на казната“, рече Трпков читајќи дел од обвинението.

Судијата Илија Трпков даде објаснување за причините поради кои ја судечкиот совет ја донел пресудата.

„Случувањата на 27.04.2017 ќе бидат запаметени како настани без преседан. Четири години по настанот има правосилна пресуда за лицата кои извршија упад и насилно влегоа во Собранието. Во ова обвинение главен организатор е наведен Никола Груевски, кој е во бегство и бара азил. Да се врши насилен упад во пармалентот кој е испланиран и во тоа да учествуваат високи функционери е застрашувачко. Државата се брани со срце, ум, правилни потези. Времето и историјата ќе покажат што било правилно а што не. Државата не се гради, ниту брани со насилство. Дали ќе се случеше насилниот упад ако не беше испланиран? Се разбира дека не. Само со план можеше тоа да се случи. Советот ги ценеше сите докази на странките, секој поединчено. Само целината на доказите може да даде одговор на многу прашања. Не се суди на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, друга партија, туку на конкретни лица“, рече Илија Трпков.

На почеток