Денеска се одржа 17 седница на Комисија за култура на Собранието на Република Македонија на која беа презентирани активностите околу управувањето со Охридскиот регион и состојбите со природното и културното наследство.
Презентацијата ја одржаа министерот за култура Асаф Адеми и претседателот на Комисијата за управување со Охридскиот регион, Зоран Павлов.
Тие реферираа за реализираните и тековните активности во врска со Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за состојбата со заштита на светското наследство – Природно и културно наследство на Охридскиот регион усвоена на 41-та сесија на Комитетот за светско наследство која се одржа во Краков, Полска, 2017 година.
Асаф Адеми им се заблагодари на членовите на Комисијата за култура како и на групата пратеници и граѓански организации за поддршката која ја искажаа преку формирањето на неформалната група Пријатели на Охридскиот регион (група која се залага за Охридскиот регион во Собранието и во јавноста), како и за сериозната контрибуција која ја даде Собранието на Република Македонија со организирањето на надзорна расправа за состојбата со доброто.
Во извештајот стои дека интензивно се работеше на: Ревизија односно подготовка на нов Закон за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, Ревизија на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и Стратегиска оцена за влијанието на животната средина за План за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион (2018-2027).
Нацрт Законот е на јавна расправа која ќе трае до 27 јануари 2019 година, а Стратешка оценка е во завршна фаза.
Во прилог на ова, изработен е План за интегрирана заштита на старото градско јадро на Охрид , а ќе следи и изработка на нова Стратегија за развој на туризмот која ќе ги задоволи бараните критериуми.
Изготвено е номинациското досие за проширување на територијата на Охридскиот регион на Листата на УНЕСКО и на албанска страна.
Ажурираниот извештај за активностите на Министерството за култура и на националната комисја на УНЕСКО за Охридскиот регион ќе биде изготвен до 1 февруари 2019 година како и до 43-тата Сесијата на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во 2019 година на која ќе се разгледува статусот на Охридскиот регион.